Серија земјотреси денеска ја потресе областа на Истанбул, а најсилниот беше со јачина од 6,2 степени според Рихтер, со епицентар во Мраморното Море, западно од Босфорот. Земјотресот се почувствува и во Анкара и околните провинции. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека сите надлежни институции се во состојба на готовност и дека засега нема извештаи за сериозни штети. „Многу внимателно го следиме процесот. Засега изгледа дека нема поголеми проблеми“, изјави тој.
Повеќе од 150 лица се хоспитализирани со повреди здобиени при обид да избегаат од згради за време на силниот земјотрес што го погоди Истанбул. Повредените главно скокале од височина поради паника, но се наоѓаат вон животна опасност и нивниот третман е во тек. Министерството за транспорт соопшти дека првичните инспекции не покажале оштетувања на автопатите, железничките линии, аеродромите и метрото. Граѓаните во Истанбул сведочеа дека зградите се треселе, по што во паника излегле на улиците. Снимки од надзорни камери покажуваат како луѓето бегаат од локали и ресторани во моментот на потресот.
İstanbul’da meydana gelen 6.2 büyüklüğündeki depremde, bir gökdelene kurulu vincin sallanma anları kameraya yansıdı. #deprem #depremistanbul pic.twitter.com/7tu5ojQ0S8
— Sena (@SenaGokkurt) April 23, 2025
Турските власти со години предупредуваат на опасност од голем земјотрес во Истанбул, кој би можел да има јачина над 7 степени и потенцијално да предизвика разорен цунами. Поради тоа, на неколку локации во градот се поставени знаци за евакуација во случај на цунами, особено во крајбрежните области како Бујукчекмече и Фанари.