По два дена пешачење и поминати 95 километри, белградските студенти вечерва пристигнаа во Нови Сад, а на улиците беа пречекани со овации и аплаузи од десетици илјади граѓани, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа. Студентите беа пречекани со црвен килим на мостот „Виножито“ од нивните колеги од Нови Сад, со кои си ги разменија знамињата на двата града и знамињата на универзитетите во Белград и Нови Сад.
Оттаму тие заедно пешачеа низ централните градски улици до Железничката станица, каде што со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите во уривањето на настрешницата. Студентите од Белград вчера претпладне тргнаа пеш кон Нови Сад за да им се придружат на своите колеги во блокирањето на три моста на реката Дунав на 1 февруари. Тие ноќта ја поминаа во шатори на отворено. На овој начин ќе одбележат три месеци од загинувањето на 15 луѓе при уривањето на реконструираната бетонска настрешница на Железничката станица во Нови Сад што се случи на 1 ноември. Десетици илјади граѓани направија шпалир по целиот центар на Нови Сад каде поминуваа студентите. Со аплаузи, огномети и конфети, прегратки и солзи, граѓаните фрлаа цвеќиња пред студентите и им закачуваа медали.
Тие ги пречекаа со транспарент напишан на војводински дијалект „Па каде сте белграѓани“ (Па ди сте београѓани), а ги носеа и пораките „Не сте сами“, „Студенти, добредојдовте“ и „Вие сте љубов, вера и надеж“. На чело на колоната студентите носеа транспарент на кој пишуваше „Некои нови клинци, Белград-Нови Сад“ со срце меѓу имињата на двата града и знамето на Универзитетот.
Студентските редари од Белград носеа венци со имињата на петнаесеттемина загинати во трагичната несреќа, кои ги положија пред Железничката станица.