Една Американка денеска беше ослободена од талибанците во Авганистан, објави поранешниот специјален пратеник на Вашингтон во Кабул, Залмај Калилзад.
„Американската државјанка Феј Хол, која штотуку беше ослободена од талибанците, сега е под заштита на нашите пријатели од Катар во Кабул и наскоро ќе се врати дома“, рече Калилзад на платформата Икс.
Американката беше уапсена на почетокот на годинава, заедно со двајца Британци и нивниот преведувач од Авганистан. Хол се наоѓа во амбасадата на Катар во Кабул, ѝ биле извршени лекарски прегледи и било утврдено дека е во добра здравствена состојба. Се преземаат чекори за нејзино враќање во САД, објави АФП. Таа на социјалните мрежи лично му се обрати и му се заблагодари на претседателот Доналд Трамп.
Американката со кинеско потекло Хол беше уапсена на 1 февруари заедно со неколку нејзини британски пријатели, Питер и Барби Рејнолдс, и нивниот преведувач додека се враќале во провинцијата Бамијан, западно од Кабул. Двојката на возраст од 70 години, се венчале во Кабул во 1970 година и водат образовни програми во Авганистан од 2009 година. Неодамна ќерката на Пит Рејнолдс извести дека неговото здравје „значително се влошило“ во затвор. Минатата недела, Американецот кој беше затворен во Авганистан речиси две години, Џорџ Глеизман, беше ослободен по ретката посета на американските официјални претставници на Кабул. Претходно оваа година, уште двајца Американци, Рајан Корбет и Вилијам Макенди, беа ослободени од талибанците во замена за Авганистанецот Кан Мохамед, кој беше осуден за наркотероризам во САД. По реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД, талибанската влада изрази надеж дека ќе отвори „ново поглавје“ во односите меѓу двете земји. Републиканскиот претседател за време на неговиот прв мандат потпиша мировен договор со Талибанците.