Јавното Обвинителство во ниту еден момент не изведе ниту еден доказ дека Александар Ѓорчевски таткото на Вања, има телефонска или било каква комуникација со обвинетите за убиството на неговата ќерка, изјави неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ. Тој додава дека мотивот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не е „користољубие“ како што тврди Обвинителството и дека тој мотив одамна е нереален. Мотивот според бранителот на Александар Ѓорчевски е да се внесе страв и немир во училиштата во Скопје. Додаде дека врз таткото на Вања во истрагата била вршена тортура со цел да се изнуди признание, што ќе биде докажано во наредниот период. Во текот на целото судење не беше изведен ниту еден материјален доказ кој би го поврзал Александар со групата на Љупчо Палевски обвинета за убиствата, а Ѓорчевски е единствениот од сите нив што не бил член на политичката партија „Десна“.
Не постои ниту една комуникација ниту било што да го доведе таткото во било каква врска со овие луѓе за кои во текот на постапката се изведени доволно докази, од кои секој обичен набљудувач може да изведе еден заклучок дека во случајов темелот на обвинението „користољубие“ е одамна паднат и овде се работи за дело со кое се сакало да се внесе страв и немир кај населението особено во основните училишта. А кои биле мотивите, тоа е нерасчистено поради површна истрага и многу пропусти во неа. Во 21 век да примените тортура е нон-сенс и непотребно при истражна напредна технологија која ви овозможува да дојдете до вистината. Зошто е така направено ќе видиме во нареден период, рече Туфегџиќ.
Тој додаде дека е изненаден од завршните зборови на Обвинителството зашто очекувал силна енергија и силни аргументи, а добил како што рече „само една сувопарна компилација на прочитани докази, неповрзани едни со други“.
Јавното обвинителство не докажа надвор од разумно сомнение дека Александар Ѓорчевски го извршил кривичното дело што му се става на товар. Слушнавте и самите, дека единствениот темел на обвинението на Обвинителството за таткото е дека во даден момент според нечија перцепција тој се однесувал чудно, односно бил „чуден“. Не слушнавме, односно не е понуден ниту еден доказ за било каква негова инволвираност и затоа сметам дека се остварија моите предвидувања, дека обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една праведна одлука на судот за таткото Александар Ѓорчевски, изјави Туфегџиќ.