Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на граничниот премин „Блаце – Елез Хан“ на кој во присуство на премиерите на Македонија, Христијан Мицкоски и Косово, Албин Курти и министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла и делегации од двете земји, свечено беше пуштен во употреба системот на заеднички гранични проверки „One Stop Shop“.
Министерот Тошковски во своето обраќање потенцираше дека обврска на институциите е со својата работа да го унапредуваат квалитетот на животот на сите граѓани и со пуштањето во употреба на овој систем се отвора нова ера на побрз транспорт на стоки и повеќе трговија, повеќе туризам, повеќе дружба и поголемо пријателство.
„Ова е резултат на договорот меѓу двете влади и Протоколот што го уредува начинот на гранични и царински контроли, инфраструктурата, размената на податоци и поделбата на трошоци. Целта е јасна – побрзо, поедноставено и побезбедно преминување на границата. За патниците тоа значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство, а за службите – поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконски активности.“, потенцираше министерот Тошковски. Тошковски подвлече дека овој граничен премин е еден од најфреквентните во државата со повеќе од четири милиони патници годишно и дека со неговата имплементација отвораме ново поглавје на поврзаност – побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.