Ваквиот став на Таравари за тоа кога ќе се спроведат уставните измени со кои ќе се внесат Бугарите во Уставот, како услов да се деблокира патот кон Европската Унија, е недоследен споредено со тоа што го говореа тој и неговите партнери од коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) пред изборите. Таравари и коалицијата ВРЕДИ лани во изборниот период уверуваа дека уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот ќе бидат направени најдоцна за шест месеци откако ќе дојдат на власт. Сега, речиси осум месеци по формирањето на Владата предводена од Мицкоски, тој бара трпение од една година, ама не нуди гаранции дека уставните измени навистина ќе се случат во овој рок. Таравари се правда дека тие ќе продолжат да инсистираат, но признава дека ќе мора да се убеди ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи без согласност од оваа партија не може да се направат уставните промени, пренесува Вистиномер. Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, осврнувајќи се на уставните измени, даде недоследна изјава во однос на неговите предизборни заложби, но и оние на ВРЕДИ, дека „уставните измени ќе бидат направени најдоцна за шест месеци по формирањето на Владата“: Јас гледам дека премиерот Мицковски е подготвен и сака да ги започнеме преговорите што поскоро, бидејќи тоа е некаква надеж за луѓето кои што живеат тука. Нормално дека ние како ВЛЕН инсистираме и ќе продолжиме да инсистираме, меѓутоа, секогаш мора да се убеди и ВМРО, бидејќи без ВМРО не можат да се случат уставните промени. Значи невозможно е, нема формула која што може да ги направи уставните промени без тоа да има согласност од ВМРО. Колку што гледам, премиерот е подготвен, меѓутоа бара некаква гаранција. Дали тоа ќе биде од Софија, Брисел или Вашингтон, тоа е ирелеванто, но и дека ова е последно условување за Македонија. Дека е претерано условувањето кон Македонија и за ЕУ и за НАТО, тоа е непобитен факт. Меѓутоа мора ние да изнајдеме некое решение и да размислиме сериозно затоа што не е убаво Македонија да остане во група со Босна, Косово и Македонија да бидат три држави од Западен Балкан што не ги почнуват преговорите. Некако ќе се обидуваме како ВЛЕН и како дел од владата да го акцелерираме овој процес и да се обидеме што побргу да се направи нешто да се тргне од оваа статус кво ситуација.
[Извор: Радио Слободна Европа –интервју на Арбен Таравари (од 15,30 до 17,22 минута од видеото) – Датум:16.02.2025]
Образложение: Ваквиот став на Таравари за тоа кога ќе се спроведат уставните измени со кои ќе се внесат Бугарите во Уставот, како услов да се деблокира патот кон Европската Унија, е недоследен споредено со тоа што го говореа тој и неговите партнери од коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) пред изборите. Тој сега вели дека „како Влен, инсистираат и ќе продолжат да инсистираат“ на усвојување на уставните измени, ама нагласува дека „секогаш мора да се убеди и ВМРО, бидејќи без ВМРО не можат да се случат уставните промени“ Значи невозможно е, нема формула којашто може да ги направи уставните промени без тоа да има согласност од ВМРО… Некако ќе се обидуваме како ВЛЕН и како дел од владата да го акцелерираме овој процес и да се обидеме што побргу да се направи нешто да се тргне од оваа статус кво ситуација, вели Таравари по изминати речиси осум месеци од формирањето на Владата (23.06.2024), без да наведе кога би се одблокирал процесот. Наспроти ова, тој и ВРЕДИ лани во изборниот период уверуваа дека уставните измени ќе бидат направени најдоцна за шест месеци по формирањето на Владата . На почетокот на април (05.04.2024) Таравари, како кандидат за претседател на коалицијата „ВРЕДИ“ во дебата со претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи на ТВ21, кажа дека од мандатарот за формирање влада ќе се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени …На мандатарот на кој му се дава мандат за формирање влада да му се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени. Не велам за месец, два или три, туку да не биде повеќе од шест месеци, со цел ова да заврши, и Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ.
Неколку дена подоцна (08.04.2024) Таравари го повтори ставот дека шест месеци се добар период во кој треба да поминат уставните измени за да се деблокира патот кон ЕУ. Веќе кажав дека треба да има една динамика, временски период до Нова година, потребни се и процедури за изгласување на уставните измени, исто така ќе има парламентарни избори во Европскиот парламент, ќе има и претседателски избори во САД, се очекува дали ќе остане истата или ќе има друга владејачка гарнитура. Мислам дека шест месеци се добар период во кој треба да поминат уставните измени за да ги почнеме преговорите со ЕУ. Неговиот партиски колега Арбен Фетаи, вицепремиер за политики и добро владеење, во однос на ова прашање за време на изборите беше уште подециден. Тој велеше дека услов за формирање на идната влада ќе бидат уставните измени и дека тие ќе се спроведат во период од три до шест месеци по формирањето на Владата. Се разбира, не влегуваме во Влада која нема да направи уставни измени, тоа е многу јасно. Супер е јасно. Нашата следна влада ќе направи уставни измени во рок од три до шест месеци од формирањето влада. Многу јасно го кажав тоа, изјави тогаш Фетаи, пренесе ТВ21 Арно ама, откако ВРЕДИ стана дел од Владата, а Таравари министер за здравство почна да се „пее друга песна“ за уставните измени. На почетокот на август ВРЕДИ најави дека е можно пролонгирање на уставните измени до формирање политичка влада во Бугарија. Портпаролот на „Вреди“, Фари Хисени на прес-конференцијата на 9 август посочи дека политичката нестабилност во Бугарија е причина поради која не бараат во рок од шест месеци Бугарите да бидат внесени во Уставот: Ние сме во постојана комуникација и координација со меѓународниот фактор. Ова се теми од пошироки линии, што значи дека може да се даде можност бидејќи имаме ад хок ситуација со соседна Бугарија. Да имаше актуелна Влада функционална во Бугарија, сметам дека веќе ќе имаше и отпочнати преговори за да се постигне договор меѓу Северна Македонија и Бугарија. Според него, имајќи ја предвид состојбата во Република Бугарија има простор во координација со меѓународниот фактор да се пролонгира и рокот за уставните измени. Во октомври Таравари при посетата на Клиничката болница во Тетово изрази надеж дека за шест месеци може да почнат преговорите со ЕУ, ама побара и да се има разбирање ако сепак не испадне според планот, со оглед на тоа што Бугарија нема стабилна влада. „Вреди“ повторно инсистира дека Македонија мора да ги започне преговорите, Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ. Кажавме рок од шест месеци, дека „Вреди“ ќе направи се да започнат преговорите. Добро е што Албанија започна, меѓутоа лошо е што ние се разделивме. Од друга страна треба и да разбереме дека и од бугарска страна нема Влада, очекуваме избори таму да има. Јас се надевам дека ние ќе изнајдеме решение и „Вреди“ ќе биде акцелератор и тригер за да што поскоро Македонија почне со преговорите со ЕУ. Јас колку што знам и премиерот е за започнување што побргу, и тој е за ЕУ како и сите што сме во Владата, изјави Таравари. На крајот на годината (2024), во декември, кога фактички помина рокот за исполнување на ветените уставни измени, Таравари уверуваше дека наскоро ќе се отпочне со евроинтеграциските процеси, но се извлекуваше дека тој процес е сложен. Го опишуваше како летање со авион и дека тој лет е неизвесен. Потсети и дека Ахмети од 2002 година ги најавува тие преговори со ЕУ повеќе од две децении и најави нов рок: Сепак сметам дека наредната 2025 година ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Но, не прецизираше кога би се случил тој почеток. Веќе во јануари годинава Таравари побара трпение од една година. На 28 јануари во емисијата Дејли Клик на ТВ 21, прашан за уставните измени тој нагласи дека евроинтеграциите се ветуваат со години од различни владејачки структури , па рече: Дајте ни барем 1 година, на нив им дадовте 10 години.
Вчера (16.02.2025) во интервјуто за Радио Слободна Европа на забелешката на новинарката дека побарал уште една година за уставни измени и дали има гаранција дека измените навистина ќе се случат во овој рок, Таравари се правдаше дека тие како ВЛЕН ќе продолжат да инсистираат, но призна дека ќе мора да се убеди ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи без согласност од оваа партија не може да се направат уставните промени. Став којшто е недоследен во однос на нивното претходно тврдење дека уставните измени ќе бидат донесени шест месеци по формирањето на новата Влада. Извор: Новинска агенција МЕТА