Сопственикот на пекарницата „Клас“ во српскиот град Нови Пазар, Сеад Бихорац, покрај тоа што со години им дели бесплатен леб на оние кои не можат да си го дозволат, и покрај тоа што за време на Рамазан сите можат да добијат бесплатни топли пити за ифтар за себе и семејството, во ноември 2024 година почна да гради зграда со шест станови кои ќе им ги подари на самохрани мајки и нивните деца, пишуваат локалните медиуми.

За несекојдневните добри дела на пекарот од Нови Пазар и порано пишуваа регионалните медиуми, а за овој Рамазан тој направи уште еден благороден гест – организираше делење на пакетчиња како подароци за 500 деца од градот и околината, пишува „Санџак данас“. Порталот објави и видео од акцијата со подароците за децата во градот, на кое може да се види нивната радост.