Јапонска обожавателка која минатата година, неочекувано го бакнала Џин, член на поп бендот „БТС“, за време на настанот каде се сретнуваат со фановите, сега е под истрага на јужнокорејската полиција, јавува „Би-би-си“. Јужнокорејската полиција ја повикала девојката, која моментално се наоѓа во Јапонија, да се јави на сослушување поради наводите за сексуално вознемирување на јавно место.
Инцидентот се случил за време на јавниот настан во Сеул, во јуни минатата годинана кога Џин прегрнал 1.000 обожавателки. Наместо само да го прегрне, девојката почнала да го бакнува, на што Џин изреагирал со вртење на главата и непријатна гримаса на лицето.
Овој чин ги налутил другите фанови на „БТС“, а еден од нив поднел кривична пријава против неа, што доведе до полициска истрага. Џин, вистинското име Ким Сеок-Џин, одржал настан каде се сретнал со своите фанови на 13 јуни 2024 година, ден откако беше отпуштен од војска, појавувајќи се пред 4.000 обожаватели и гушкајќи 1.000 од нив. За време на тричасовниот „маратон за прегратки“, обожавателките кои добиле шанса да го запознаат чекале во ред и една по една му приоѓале на 33-годишниот Џин. Но, една од нив предизвикала негодување кога го бакнала во лице. Клиповите од тој момент набрзо станаа вирални на интернет. На видеата се гледа како Џин е изненаден од потегот и се обидува да ја сврти главата додека ја прегрнува жената, а потоа брзо преминува на следната обожавателка. Се гледа и дека на нејзините постапки луто реагирале и другите обожаватели. Таа подоцна на својот блог напишала дека го бакнала „во врат“ и дека „кожата му е многу мека“. Идентитетот на жената не е откриен, но полицијата додала дека ја идентификувале со помош на нивните јапонски колеги.
Џин е првиот член на БТС кој ја завршил својата воена служба. Неговиот колега од бендот Џеј-Хоуп беше отпуштен во октомври, додека останатите – РМ, В, Џимин, Џангкук и Шуга – сè уште служат војска, а бендот се очекува повторно да се соедини до јуни. К-поп идолите се познати по нивната блиска врска со обожавателите преку различни комуникациски канали и настани. Вообичаено е уметниците да комуницираат со обожавателите преку социјалните мрежи, преносите во живо и за време на лични средби за да изградат база на лојални обожаватели. Сепак, обожавателите и агенциите сѐ повеќе се свесни за негативните аспекти на „фан“ културата. На пример, многу уметници отворено зборуваат за стресот предизвикан од „сасаенг“ обожавателите, односно опседнатите обожаватели кои ги демнат и малтретираат.