Кошаркарите на Денвер во НБА лигата го совладаа Шарлот со 107:104, а членот на Нагетси Никола Јокиќ забележа уште еден трипл-дабл. Српскиот центар на Денвер стигна до својот 22. трипл-дабл сезонава, запишувајќи 28 поени, 13 скокови и 17 асистенции, но поимпресивна од овие бројки беше последната минута во која Јокиќ донесе пресврт.
Само ден претходно, нешто слично направи и на натпреварот против Филаделфија, а сега блескаше и на дуелот со Шарлот кој на минута до крајот имаше водство од 104:100. Јокиќ потоа постигна пет поени, а потоа по промашувањето на Мајлс Бриџис ја фати топката и му асистираше на Мареј кој стави точка на мечот.
Покрај Јокиќ, одлична партија одиграа и Браун, кој постигна 24 поени, 11 скокови и две асистенции, како и Мареј, кој мечот го заврши со 20 поени, скок и пет асистенции. На спротивната страна за Хорнетси Бриџис имаше дабл-дабл учинок од 24 поени и 12 скокови, следен од Марк Вилијамс со 20 поени и 15 скокови, додека Ник Смит реализираше 19 поени. На табелата во Западната конференција Денвер е на четвртата позиција (30-19), додека Шарлот е на претпоследното 14 место на Истокот (12-34). НБА лига, резултати: Шарлот – Денвер 104:107 Хјустон – Бруклин 98:110
Минесота – Вашингтон 103:105 Оклахома – Сакраменто 144:110 Њујорк – ЛА Лејкерс 112:128 Сан Антонио – Мајами 103:105 Портланд – Феникс 127:108