Од 17 до 23 мај, Битола ќе биде домаќин на 26. издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, културен настан кој веќе четврт век ја афирмира моќта на индивидуалната актерска изведба и ја поврзува домашната со светската театарска сцена. Годинава, фестивалот ќе понуди 10 монодрамски претстави во официјалната програма, со учесници од 9 држави: Македонија, Полска, Литванија, Шпанија, Киргистан, Грузија, САД, Романија и Бугарија. Отворањето и затворањето ќе се одржат во Народниот театар Битола, додека останатите претстави ќе се играат во салите на Центарот за култура.
На отворањето ќе биде изведена „Д (Како Дездемона)”, во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, а на затворањето публиката ќе ја проследи „Куфер.мк”, монодрама на актерката Соња Михајлова, која годинава е добитничка на наградата за животно дело од фестивалот „Војдан Чернодрински”. На денешната пресконференција селекторот Благој Мицевски посочи дека интересот за учество секоја година расте, а годинава се пријавиле околу 50 продукции. Во натпреварувачкиот дел се селектирани 10 претстави, од кои две се македонски.
Претставите се жанровски разновидни – од класични драмски дела до современ и документарен театар, со силен акцент на актерската трансформација и моќта на раскажување преку еден лик. Жирито во состав Рисима Рисимкин (Македонија), Емре Ердем (Турција) и Лаша Чхартишвили (Грузија) ќе ги додели наградите за Гран-при, најдобар актер и најдобра режија. Во рамките на фестивалот е предвидена и богата офф-програма: Статуи на Широк Сокак, Драмска работилница за деца и млади, Театарска работилница на американскиот актер Роналд Ранд, Промоција на монографијата 1/4 век Интернационален фестивал на монодрама – Битола, Панел-дискусии: „Монодрамата како мост меѓу културите” и „Aлма Малер”. Визуелниот идентитет на фестивалот е дело на дизајнерот Сашо Илковски, а годинашниот слоган е: „Еден збор – еден свет”, што ја рефлектира суштината на монодрамата како уметност што зборува со една актерска интерпретација, но допира до многу светови.