Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков ќе учествува на панел дискусија насловена: „Патот на Македонија кон ЕУ-предизвици и можности во 2025 година“ во организација на Австриската амбасада во Скопје и Академијата за европски интеграции.
На настанот кој ќе се одржува во скопскиот хотел ,,Мериот” ќе учествуваат звучни имиња на амбасадори, европски пратеници и докажани меѓународни експерти. Дебатата ќе ја отвори и модерира професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје, проф. д-р Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, а меѓу говорниците ќе биде и Н.Е. Мартин Памер, австриски амбасадор во Македонија. На дискусијата свои пораки за предизвиците на ЕУ ќе испратат и Марија Бергер, судијка од Европскиот суд на правдата, пратеникот од Европскиот парламент, Клаус Волфер, кој е поранешен директор за Југоисточна Европа и проширување на ЕУ во МНР на Австрија, поранешен амбасадор во Турција и Индонезија. Учество на оваа дебата ќе има и Герхард Јарош, раководител за меѓународно кривично право во LGP Group и поранешен заменик главен обвинител во Виена.