Премиерот на Унгарија Виктор Орбан на социјалната мрежа „Икс“ објави “Je suis Marine!”, што значи „Јас сум Марин/Ја поддржувам Марин“. На ваков начин Орбан реагираше на пресудата што францускиот суд денеска ја донесе за Марин Ле Пен, прогласувајќи ја за виновна за проневера на европски фондови. Таа беше осудена зашто вработила 4 фиктивни асистентки кога беше дел од Европскиот Парламент.
56-годишната Ле Пен, нејзината партија РН и дваесетина други партиски претставници беа обвинети за проневера на неколку милиони евра од фондовите на Европскиот парламент за да платат партиски вработени во Франција. Новите европратеници на Национален собир и 12 парламентарни асистенти се прогласени за виновни за потпишување „лажни договори“ дека наводно работат за европратениците. Се докажа дека сите овие луѓе всушност работеле за партијата а не за Парламентот.
Исто така, на Марин Ле Пен ѝ е забрането да се кандидира за јавна функција без да се прецизира до кога ќе трае забраната. Ако трае 5 години како што бараше обвинителството, Марин Ле Пен нема да смее да се кандидира на претседателските избори во 2027 година на кои според анкетите имаше голема шанса да победи.