Претседателот на холандската крајнодесничарска партија ПВВ, Герт Вилдерс денеска го поддржа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за принудно раселување на Палестинците од Појасот Газа во Египет и Јордан. „Многу точно, претседателе Трамп! Како што секогаш велев, Јордан и Палестина (се исто). Нека се преселат Палестинците во Јордан. Проблемот со Газа е решен!“, напиша Вилдерс на мрежата Икс. Аман го критикуваше овој став на Вилдерс, а Велдкамп рече дека Холандија поддржува решение за две држави, Палестина и Израел.
Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп, од партијата НСЦ, која е коалициски партнер на ПВВ, претходно изјави дека се противи на присилната депортација на Палестинците од Појасот Газа, пишува „НЛ Тајмс“. Трамп повторно предложи Палестинците да бидат раселени од Појасот Газа во Египет и Јордан, што тие држави го отфрлија. Тој додаде дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како нова „Ривиера на Блискиот Исток“.
„Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за окупација на Појасот Газа и раселување на неговото население е „незаконски и целосно апсурден“, изјави денеска специјалната известителката на ОН за палестинските територии Франческа Албанезе. Предлогот на Трамп не го прифаќаат Русија, Кина, Франција, Велика Британија, Германија, Словенија, како и многу арапски земји. Објектите во Газа се уништени поради воените дејствија кои почнаа на 7 октомври 2023 година откако палестинската терористичка група Хамас го нападна Израел.
foto EPA