Претседателката Гордана Сиљановска Давков изјави дека денеска уште еднаш ја потврдивме нашата определба: да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили.
„Во време на глобални безбедносни закани, кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност, професионалност и подготвеност да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права“.Вака изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната посета на армискиот полигон „Криволак“ каде што беше во тек вежбата „Immediate Response 25“ (IR 25).
Претседателката додаде дека денеска уште еднаш ја потврдивме нашата определба: да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили.
Вежбата „Immediate Response 25“ е втората фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“ (DEFENDER 25). Покрај седум други европски земји, Република Северна Македонија е една од земјите домаќини, каде што во активностите кај нас се вклучени повеќе од 2.200 армиски припадници од седум НАТО земји членки и две земји партнери на Алијансата.
Денеска беше реализиран денот на високи гости. Полигонот го посетија премиерот, министерот за одбрана, началникот на генералштабот на Армијата, но и видни странски гости.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски порача дека вежбата претставува „јасна демонстрација на посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на Алијансата“ и дека на овој начин ги унапредуваме способностите за одвраќање и одбрана на НАТО. Министерот ја потенцираше и важноста и стратешката позиција на нашиот полигон за обука „Криволак“, кој е „уникатен капацитет за извежбување со можност за реализација на вежби од големи размери“.
Началникот на Генералштабот на Армијата Сашко Лафчиски ја оцени вежбата на следниот начин:
– Вежбата IR 25 е повеќе од демонстрација на борбена готовност и способност, таа е доказ на силата и посветеноста на Алијансата. Неуморната работа на учесниците на вежбата нема за цел само да се подобрат капацитетите и способностите на сопствените единици, туку и да се изгради доверба, интероперабилност и меѓусебно почитување – истакна генералот Сашко Лафчиски.
Меѓу високите гости на вежбата беа и началникот на штаб на Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Левон Камптон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, министри во владата, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Албанија, Косово, Обединетото Кралство и Црна Гора, генерали од Армијата, високи гости од земјите учеснички на вежбата „IR 25“, воено- дипломатскиот кор, претставници од локалната самоуправа и други гости.
Според соопштението од Министерството за одбрана, „целите на оваа вежба се повеќекратни, а меѓу најзначајните се: синхронизација на комбинираните вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите за изведување на координирани конвенционални и здружени операции во различни временски услови, како и подобрување на интероперабилноста на декларираните состави преку извежбување со земјите партнери“.
Дополнително, велат од Министерството, цел на вежбата е и градење поголема подготвеност и оперативна синхронизираност меѓу армиите на НАТО и партнерските земји низ сложени и симултани операции во повеќе зони.