Вистиномер не успеа да нaјде вест дека норвешки водечки научници откриле дека се прикриваат некакви податоци за наводно зголемена смртност меѓу вакцинирани против ковид-19. Ако такво нешто имаше, сигурно ќе беше објавено во медиумите. Во објавата се изнесуваат сериозни обвинувања, а не се нудат апсолутно никакви докази. Фактите говорат друго, а тоа е дека не е точно оти вакцините против ковид предизвикале зголемена смртност. Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека водечки норвешки научници откриле дека се прикриваат податоци за зголемена смртност меѓу вакцинираните против ковид-19.
АБРЕ КОПИЛИЊА УШТЕ ЌЕ КРИЕТЕ, стои во објавата. Притоа, објавата како доказ за тврдењето нуди само Гугл транслејт превод и ништо повеќе.
Ниту линк до некоја вест од сериозен медиум, ниту линк до откритието на „водечките норвешки научници“, ниту линк до навдениот апел дека се прикриваат некакви податоци. Ништо. Се изнесуваат сериозни обвинувања, а не се нудат апсолутно никакви докази. Фактите говорат друго, а тоа е дека не е точно оти вакцините против ковид предизвикале зголемена смртност. Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози на вакцини дадени во САД помеѓу декември 2020 година и јуни 2021 година. Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет: Од податоците на ВАЕРС, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи.
Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска. Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење. ЦДЦ уште во октомври 2021 година информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот: Нема зголемен ризик за смртност кај примателите на вакцини против ковид-19. Ова откритие го зајакнува безбедносниот профил на моментално одобрените вакцини против ковид -19 во Соединетите држави. Сите лица на возраст поголеми од 12 години треба да примат вакцина против ковид-19. Наспроти тврдењето во постот, фактите говорат дека ризикот за смрт од коронавирусот е многу поголем, кај невакцинираните во однос на вакцинираните.
Поврзаните податоци за вакцинација и смртност покажуваат дека и покрај промените во циркулирачките варијанти на SARS-CoV-2 со текот на времето, кај постарите возрасни лица на возраст над 65 години, невакцинираните лица продолжуваат да имаат многу поголем ризик да умрат од ковид-19 отколку лицата вакцинирани со најмалку примарна серија. Овој заштитен ефект на вакцинацијата против ковид-19 беше забележан кај сите возрасни групи. Дополнителните бустер дози обезбедуваат дополнителна заштита. Во август 2022 година, возрасните на возраст од ≥50 години со најмалку 2 засилувачки дози имале 3 пати помал ризик да умрат од ковид-19 отколку возрасните на иста возраст со една засилена доза, стои во официјалниот извештај на ЦДЦ. Норвешкиот Институт за јавно здравје, во делот посветен на вакцините против ковид-19, посочува дека целта на вакцинацијата против ковид е да се спречи болеста или да се даде поблаг тек на болеста без да се биде изложен на сериозни несакани ефекти. Во делот на несаканите ефекти од вакцините, Институтот пишува:
Вакцините против ковид-19 можат да предизвикаат несакани ефекти, но тие се претежно благи или умерени и поминуваат по неколку дена. Кај некои, симптомите ќе бидат потешки. Несаканите ефекти од вакцините внимателно се следат. мРНК вакцините се чини дека предизвикуваат повеќе чести несакани ефекти од другите вакцини. Несаканите ефекти обично се јавуваат во текот на првите 1-2 дена по вакцинацијата. Чести несакани ефекти се болка и оток на местото на инјектирање, замор, главоболка, болка во мускулите, треска, болка во зглобовите и треска. Алергиски реакции се јавуваат кај некои луѓе. Постои добро познавање на честите несакани ефекти по вакцинацијата, но не може да се исклучи појава на нови ретки несакани ефекти.
Меѓу поретките несакани ефекти пријавени по вакцините со mRNA и Нуваксовид (Новавакс) – се воспаление на срцевиот мускул (миокардитис) и воспаление на перикардијалната кеса (перикардитис). Состојбата предизвикува болка во градите, отежнато дишење, палпитации и треска. Во случај на вакви симптоми, консултирајте се со лекар. Состојбата најчесто се јавува кај адолесценти и млади возрасни, а симптомите обично се појавуваат во рок од две недели од вакцинацијата. Нордиска студија покажа дека миокардитисот се јавува малку почесто по употребата на Спајквакс (Модерна) отколку по Комирнати (БиоНТек/Фајзер). Затоа, НИЈЗ препорача лицата под 30 години да примаат Комирнати наместо Спајквакс. Никаде не се спомнува дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат смрт. Вистиномер не успеа да најде вест дека норвешки водечки научници откриле дека се прикриваат некакви податоци за наводно зголемена смртност меѓу вакцинирани против ковид-19. Ако такво нешто имаше, сигурно ќе беше објавено во медиумите. Според сето погоре, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.