Светската здравствена организација посочува дека секој што бил заразен со коронавирусот може да развие долг ковид. Впрочем, услов да се развие долг ковид е тоа да се биде заразен иницијално со вирусот. А вирусот не може да се пренесе од авиони, ниту пак, долгиот ковид може да биде предизвикан од авиони на небото, како што неточно сугерира објавата. „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните. Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео од траги од авиони на небото и пишува:
Крис-крос, лонг ковид.
Наспроти изнесеното, долгиот ковид не е предизвикан од траги од авиони што летаат на небото. Долгиот ковид е сериозна болест којашто може да резултира со хронични состојби што бараат нега и може да предизвикаат последици. Симптомите на долгиот ковид може да се широки, да траат со недели, месеци па дури и години после прележувањето на ковид-19. Сите што прележале Сарс Ков 2, може да искусат симптоми на долг ковид, вклучително и децата. Вакцинацијата против ковид-19 е најефикасната достапна алатка за да се заштитите од долг ковид. Животот со долг ковид може да биде тежок и изолирачки, особено во случаите каде нема брзи одговори или решенија. Иако секој што се заразил со коронавирусот може да развие долг ковид, студиите кои ги споделува Центарот за контрола и превенција на болести на САД, покажуваат дека за некои групи луѓе има поголема веројатност да развијат долг ковид споредено со други – жени, луѓето што имале потешка ковид болест, особено тие што биле хоспитализирани и на кои им требала интензивна нега, луѓе со коморбидитети и повозрасни од 65 години и невакцинираните.
Според „Мајо Клиниката“ во САД, истражувачите уште не знаат како ковид-19 предизвикува долгорочна болест, но има некои теории. Меѓу нив е дека коронавирусот ја нарушува комуникацијата на имуниот систем. Ова може да води до тоа имунолошките клетки погрешно да ги интерпретираат клетките на сопственото тело како „закана“ и да реагираат на нив, создавајќи автоимуна реакција. Инфекцијата со ковид-19 ги буди вирусите што не биле исчистени од телото. Коронавирусната инфекција го вознемирува екосистемот на стомакот. Вирусот може да успее да преживее во стомакот и да се шири оттаму. Вирусот ја нарушува комуникацијата во стеблото на мозокот или нервите коишто ги контролираат автоматските функции во телото (вагус нервот), пишува на сајтот на „Мајо“ Клиниката во САД.
Светската здравствена организација посочува дека секој што бил заразен со коронавирусот може да развие долг ковид. Впрочем, услов да се развие долг ковид е тоа да се биде заразен иницијално со вирусот. А вирусот не може да се пренесе од авиони, ниту пак, долгиот ковид може да биде предизвикан од авиони на небото, како што неточно сугерира објавата што ја рецензираме. Приближно 6 од 100 луѓе што имале ковид-19, може да развијат постковид состојби (познати и како долг ковид). Иако податоците се ограничени, шансата за развој на постковид состојба се чини е пониска сега отколку на почетокот на пандемијата. Замор, недостиг на здив, болки во мускулите и нарушен сон се чести симптоми на постковид состојбата (долг ковид), пишува СЗО.
Во текот на ковид пандемијата и во текот на вакциналната кампања, меѓу бројните теории на заговор и напори да се обесхрабри примањето на вакцините, се ширеше и таа дека „граѓаните се прскани со вирусот од авиони“, што Вистиномер веќе ја дебанкираше. Исто така, во врска со оваа тема за кемтрејлс „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните. Ковид-19 инфекцијата не се случува преку измислен вирус кој паѓа на земјата од авиони туку со близок контакт со инфицирано лице. Долгиот ковид пак, што претставува повеќемесечна комбинација на симптоми што може да го отежнат животот на тие што ќе го развијат, нема врска со авиони и со белата трага од кондензација што тие ја оставаат зад себе, туку со самиот вирус кој предизвикал долгорочни последици во телото.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.