Споредбата на Зеленски со Хитлер не држи вода. Зеленски не е нацист, ниту пак, врши геноцид за да се споредува со Хитлер. Ова е добро позната пропаганда на Кремљ која се шири од почетокот на војната и која има за цел да ја оправда воената агресија на Русија Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Хитлер го чека Сталин на преговори пред Бранденбуршката порта, на 8 Мај 1945 година?
Објавил на сите медиуми, сака преговори, погрешил што тргнал на Русија.
Зеленски го чека Путин во Истанбул, на 15 мај, утре.
Кој се клади на умрен коњ?
Објавата се обидува украинскиот претседател Володимир Зеленски да го поистовети со некогашниот нацистички лидер на Германија Адолф Хитлер, споредувајќи ги преговорите меѓу Хитлер и тогашниот руски лидер Сталин за крај на Втората светска војна со евентуалните преговорите меѓу Зеленски и Путин за крај на војната во Украина. Ваквата споредба е незамислива, бидејќи Зеленски не може да се спореди со Хитлер по ниеден основ. Зеленски не почна никаква војна и не ја нападна Русија за сега да бара некакви преговори.
Војната во Украина ја почна токму Путин. На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година. На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014-тата година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.
Од почетокот на војната, Кремљ за да ја оправда својата воена агресија, сака да ги изврти тезите, тврдејќи дека води некаква специјална воена операција, меѓу другото, за денацификација на Украина. Притоа, руската пропаганда не престанува да го споредува Зеленски со Хитлер и да го нарекува нацист. Теоретичарите на заговор и руските пропагандисти постојано се обидуваат да го претстават претседателот на Украина како неонацист или нацистички симпатизер, иако Зеленски е Евреин и тројца негови вујковци загинале во Холокаустот. Коментирајќи ги овие обвинувања, Зеленски во една прилика изјави дека Москва „го следи истиот концепт на Гебелс и тие ја користат истата методологија“ во обидот да ја оправдаат војната против Украина.
Вистиномер има пишувано на оваа тема, кога Зеленски манипулативно и неосновано беше споредуван со Хитлер, а се ширеше и фотографија на која тој наводно држи дрес на којшто има свастика. Проверувачите на факти на АФП покажаа дека фотографијата којашто е споделена е дигитално изменета и го покажува Зеленски фотомонтиран. Се споделуваше и фотографија која делува како да е снимена после склучување на брак, а новите младоженци изгледаа како да симулираат нацистички поздрав додека во позадина се гледа знамето на Украина. Меѓутоа, проверката на факти покажа дека фотографијата на којашто гости на свадба симулираат нацистички поздрав не е направена во Украина, туку во Русија.
Што се однесува до преговорите меѓу Украина и Русија што треба да се одржат во Истанбул, идејата за нив ја даде Путин, а не Зеленски. Путин е тој што не го прифати предлогот на европските шефови на држави и влади и на украинскиот претседател Зеленски да прогласи 30-дневно примирје на 12 мај. Наместо тоа, тој ѝ предложи на Украина директните преговори меѓу Киев и Москва да продолжат „без предуслови“ на 15 мај во Истанбул. По ова, Зеленски предложи директно да се сретнат со Путин во Истанбул, што Путин го одби.
Чекаме целосен и траен прекин на огнот, почнувајќи од утре, за да се обезбеди потребната основа за дипломатија. Нема смисла да се продолжува со убивањето. И ќе го чекам Путин во Турција в четврток. Лично. Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат изговори, изјави Зеленски.
Оттука може да се каже дека Путин нема намера да ја запре војната за што говори и фактот што тој на 1 април потпиша указ за пролетна мобилизација, со кој се наредува да се повикаат 160.000 граѓани на воена служба во периодот од 1 април до 15 јули, што е најголем број регрути во Русија од 2011 година. Пролетниот повик за една година воена служба дојде неколку месеци откако Путин рече дека Русија треба да ја зголеми својата војска на речиси 2,39 милиони војници, вклучувајќи го и зголемувањето на бројот на активниот персонал на 1,5 милиони, што е зголемување за 180.000 во следните три години.
Како Путин го отфрли мировниот договор за Украина инициран од Трамп, продолжувајќи со нападите врз цивилите, прочитајте во опширната анализа на Вистиномер. Значи, споредбата на Зеленски со Хитлер не држи вода. Зеленски не е нацист, ниту пак, врши геноцид за да се споредува со Хитлер. Ова е добро позната пропаганда на Кремљ која се шири од почетокот на војната и има за цел да ја оправда воената агресија на Русија. Поради тоа објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.