Официјалната страница на француското претседателство на социјалната мрежа „Икс“ го отфрли обвинувањето дека се работело за „ќесичка кокаин“. „Кога европското единство станува незгодно, дезинформациите одат толку далеку што прават обично хартиено марамче да изгледа како дрога. Оваа лажна вест се шири од страна на непријателите на Франција и надвор и дома. Мора да останеме будни против манипулациите“, напишаа оттаму. Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Зборувај ми за европски вредности. На враќање од Киев, новинари ненајавено влегуваат во вагонот на Макрон. Макрон ја крие кесичката со кокаин додека советникот Герц ја крие лажичката. Кокаинот е веројатно подарок од Зеленски. Е овие ве убедија да си го смените името.
Во склоп на објавата е поставен видеоматеријал на кој се гледа дека претседателот на Франција Емануел Макрон при позиционирање за групна фотографија на работна маса, со едната рака отстранува од масата и задржува во својата дланка – хартија. Видеото од друг агол го објавија новинарите на „Асошиејтед Прес“ со објаснување дека претседателот на Франција Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер се сретнале во воз на пат од Полска за Украина.
Како што пишува „Бизнис Стандард“, повикувајќи се на „Либерасион“, „Франс Прес“ и „Асошиејтед Прес“, предметот бил обично хартиено марамче што било стуткано на масата. „Либерасион“ извести дека овие обвинувања се на линија на наративот што ги портретира западните елити како „развратни поединци“ коишто ѝ пристапуваат на војната на „несвесен начин“. Официјалната страница на француското претседателство на социјалната мрежа „Икс“ исто така го отфрли обвинувањето дека се работело за „ќесичка кокаин“.
Кога европското единство станува незгодно, дезинформациите одат толку далеку што прават обично хартиено марамче да изгледа како дрога. Оваа лажна вест се шири од страна на непријателите на Франција и надвор и дома. Мора да останеме будни против манипулациите, напишаа оттаму.
Европските лидери инаку, се сретнаа во Украина во знак на покажување солидарност. Макрон, Мерц и Стармер отпатуваа во Украина за да одржат разговори со претседателот на Украина Володимир Зеленски заедно со полскиот премиер Доналд Туск.
Тоа беше првпат лидерите на четирите европски држави да имаат заедничка посета на Украина на која се согласија да го интензивираат притисокот врз Русија додека таа да се согласи на прекин на огнот, пишува „Бизнис Стандард“.
Дека на видеото се гледа марамче за бришење нос, покажуваат и фотографиите со висока резолуција кои се достапни и направени од професионални фоторепортери со максимално квалитетна фоторепортерска опрема.
Висококвалитетните фотографии и видеа покажуваат дека мистериозната ќесичка со бел прав е всушност шамиче стуткано во топче што лежеше на масата пред Кир Стармер пред камерите да пристигнат во кабината, каде што веќе седеа Макрон и Мерц. Сламката пак, повеќе личи на мешалка за кафе (лажиче) или чепкалка за заби. Ова објаснува зошто двајцата лидери не сакаат да ги видат овие предмети овековечени на сликите од средбата, пишува весникот „Либерасион“.

Овие тврдења најверојатно имаат корени во дезинформациски кампањи, можно со политички мотиви, со оглед на тоа што некои проруски извори ги засилуваа. Доказите покажуваат дека тврдењата се неосновани, пишува на социјалната мрежа „Икс“ на „Грок“.
Дополнително, не е вистина дека „на возот Макрон, Стармер и Мерц се враќале од Киев“, како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Вистината е дека видеото е снимено додека тројцата лидери патуваа од Полска за Украина во саботата на 10 мај 2025 година. Не се враќале од Украина, туку оделе накај Украина. Ваквата дезинформација е споделена за да се вметне во неа дека „Зеленски им го дал кокаинот како подарок“, уште една ноторна дезинформација. Исто како што е дезинформација и тоа дека „фоторепортерите влегле ненајавени“. Фоторепортерите биле поканети во просторијата за да снимаат видео-материјали и да фотографираат. Дезинформацијата беше дебанкирана и од други медиуми. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.