Калин Георгеску, фаворитот на минатогодишните поништени претседателски избори во Романија, како и некои од неговите блиски соработници беа приведени од романската полиција. Иако тоа не значи дека ќе му биде забрането повторно да се кандидира на новите избори планирани за мај, сепак против него ќе биде отворена кривична постапка, бидејќи пријавил дека немал изборни трошоци во минатата изборна кампања, пишува Вистиномер.
Калин Георгеску, кандидатот кој освои најмногу гласови на првиот круг претседателски избори во Романија минатиот ноември, избори коишто уставниот суд ги поништи заради сомнежи на странско мешање во изборниот процес и ги поместија во мај, е приведен од полицијата поради проблеми со неговата кампања од минатата година.
„Обвинителите, по неколкучасовното испрашување, рекоа дека формално ќе покренат истрага поради сомневање за пренесување лажни информации, промовирање воени злосторници и фашистички организации, како и формирање антисемитска организација“ пренесуваат од англискиот Гардијан.
Како што пишувавме непосредно по првиот круг на претседателските избори, романските разузнавачки агенции разоткрија координираната пропагандна кампања и несоодветно финансирање на ТикТок, што се тврди дека беше причината за изненадувачката поддршка што ја доби Георгеску. Тој освои 23 отсто од гласовите иако предизборните анкети му даваа едвај 6 отсто.
Јас, во име на моите гласачи, но и на оние кои иако имаат други политички опции, сакаат демократска и слободна Романија – се борам против овој безбедносен систем кој сака да нè стави во ропство. Живееме во комунизам, нема ништо слободно и легално во сè што се случува. Не попуштам, сметам на вашата поддршка, објави Георгеску на неговата Фејсбук страница.
Георгеску ги обвини романските власти дека се обидуваат да „измислат докази за да ја оправдаат кражбата на изборите и да направат сè во нивните напори да ја блокираат мојата нова кандидатура“, споредувајќи го овој процес со „комунистички-болшевички систем што ја продолжува својата грозоморна злоупотреба“. Од изборите досега, Вистиномер имаше направено неколку анализи (види тука, тука и тука) и повеќе рецензии околу ромаските претседателски избори. Генерално, објавите имаат за цел да ги оцрнат ЕУ и НАТО божем тие ги саботираат Георгеску и романски избори, изедначувајќи ги со нацисти, а амнестирајќи го руското влијание во изборите како нормален „демократски процес“. Затоа, битно е да се разгледаат деталите околу вчерашните настани, приведувањето на Георгеску и неговите соработници.
Хронолошки преглед на настаните
Првиот круг од романските претседателски избори се одржа на 24 ноември 2024, на кои Георгеску доби речиси четвртина од гласовите. На 8 декември 2024 требаше да се одржи вториот круг од изборите, на кои Георгеску требаше да се натпреварува со неговата противкандидатка Елена Ласкони од либералната партија „Uniunea Salvați România“ („Зачувај ја Унијата на Романија“), која беше втора по бројот на гласови од првиот круг.
Но, на 3 декември 2024 ТикТок отстрани неколку проруски мрежи на профили кои го поддржуваат Георгеску, што предизвика илјадници луѓе да искочат на протест во Букурешт. На 6 декември 2024 пристигна веста дека Уставниот суд во Романија ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори неколку дена откако беа декласифицирани извештаите кои тврдат дека Русија водела координирана онлајн кампања на ТикТок, воглавно подржувајќи го Георгеску.
Георгеску се обиде да ја поништи одлуката на Апелациониот суд. Но, на 31 декември 2024 судот ја потврди одлуката на уставниот суд да се поништат изборите. Георгеску понатаму се обрати до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧР), но и оттаму го доби истиот одговор. На 21 јануари 2025 ЕСЧР официјално ја отфрли петицијата на Георгеску за враќање на резултатот од поништениот прв круг претседателски избори. Во меѓувреме, на 4 јануари 2025 Генералниот испекторат отвори кривична постапка против Георгеску кој пријавил дека нема изборни трошоци за претседателската кампања. Целиот случај околу Георгеску кулуминира со настаните на 26 февруари 2025, кога е приведен во полиција.
Романските „Ватник војници“
Паралелно со истрагата против Георгеску, романските медиуми пишуваат дека биле извршени рации на луѓето блиску до претседателскиот кандидат, истражувајќи ги наводите за иницирање или основање фашистичка, расистичка, ксенофобна организација, приклучување или поддршка на таква група во која било форма, промовирање на лица виновни за сторени воени злосторства и геноцид.
Меѓу луѓето чии имоти биле претресени, бил и оној на Хорацио Потра. Потра е поранешен воен платеник во неколку африкански земји, телохранител на Емирот од Катар, Хамад бин Калифа ал-Тани, а последниве години и телохранител на Георгеску. Во неговиот дом биле пронајдени пола милиони американси долари, како и многу оружја и муниција. Но, досието на Потра не завршува тука.
Профилот на Потра е многу сличен на Евгениј Пригожин, основачот на руската приватна воена компанија „Вагнер“ (може да се забележи и фрапантна физичка сличност меѓу нив). Потра во минатото служел во француската Легија на странци, потоа основал своја фирма за приватно обезбедување која оваа година дожибеа страшен пораз во Д. Р. Конго и 300 платеници мораа да бидат евакуирани во соседна Руанда со помош на француската војска. Токму настаните околу оваа мисија беше причина Потра да биде обвинет за затајување на данок во висина од 7 милиони долари. Минатата година во декември тој беше во притвор заради кршење на романскиот закон за оружје и муниција.
Пострашен е фактот што Потра, како што пренесуваат романските медиуми, престојувал во Москва три месеци пред одржувањето на романските претседателски избори, придружуван од неговата девојка Дорина Михаи. Медиумите во Романија пишуваат дека Михаи има видливи и документирани врски со чеченските специјални сили, меѓу кои е и Рамзан Кадиров. А, со години наназад таа отворено величела високи руски функционери, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин.
Токму заради блиските врски со руските политичари, луѓето како Потра се нарекувани „ватник војници“, изведено од терминот ватник — евтина топла јакна од советската ера,наполнета со памучна вата, прошиена на повеќе места, не пропуштала ветар, а била униформа на војниците, студентите, работниците, затворениците, градежните работници, возачите итн. Уште еден член од оваа мрежа кој беше на мета на обвинителството и полицијата е Марин Бурчеа, исто така телохранителот на Георгеску, попознат и како „Снајперистот“. Како и Потра, Бурчеа бил припадник на француската Легија на странци, а потоа сопственик на компанијата „Хуго Медли“ во кое имаат 50 отсто учество со Михаи.
Коментарите од САД
За време на конференцијата за безбедност во Минхен, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изрази загриженост поради, како што рече тој, европските институции кои гo потиснуваат правото на говор под превезот на борбата против дезинформациите. Тој тврдеше дека таквите акции ги поткопуваат демократските вредности и се сомневаше дали Европа ги одржува високите стандарди што се очекуваат во слободните општества.
Кога ќе видиме како европските судови ги откажуваат изборите и високи функционери се закануваат дека ќе поништат други, треба да се запрашаме дали се држиме до соодветно висок стандард, изјави Венс.
Специјалниот владин функционер и советник Илон Маск, исто така остро ги критикуваше судиите на Уставниот суд на Романија, нарекувајќи ги „тирани“ како одговор на нивната пресуда. Овие забелешки ги одразуваат растечките тензии меѓу американските официјални лица и европските институции во врска со прашања поврзани со управувањето, слободата на говорот и изборниот интегритет. Останува да се види што им претстои на новите претседателски избори во Романија. Сепак, едно е јасно: процесот ќе биде под остро набљудување, како од оние што сакаат да го заштитат, така и од оние кои имаат за цел да го потиснат неговиот исход.