Инаугурацијата на Трамп за 47. американски претседател предизвика креирање на негативни наративи за запирање на помошта за Украина, склучување на можен мир, но и влез во руска стапица, почеток на Трета светска војна… Руските медиумите предничат во додавањето гориво на низа „катастрофични“ наративи кои потоа се шират и низ регионот. Каква ќе биде политиката на новиот американски претседател Доналд Трамп кон војната Украина? Руската агресија врз Украина речиси три години е еден од најголемите извори на дезинформации и наративи кои го преплавија светот, пишува Вистиномер. Една од неговите највпечатливи предизборни максими гласеше дека непревидливоста е неговото најсилно оружје, па затоа и првичните анализи на надворешната политика на САД веднаш по преземањето на претседателската функција од страна на Трамп се фокусираат на неа. Дали ќе сведочиме на „Aut Caesar aut nihil“ стратегија (Сè или ништо) каква што се очекува од новиот американски претседател, со оглед на општоважечките предубедувања за неговиот политички темперамент и деловна практика?
Првите претседателски одлуки на Трамп
Некои од првите извршни наредби потпишани од старо-новиот американски претседател Трамп – меѓу кои и антиимиграциски мерки и отфрлањето на некои политики за климатски услови.- веќе будно се следат заради нивниот глобален геополитички аспект. Секако, во тој геополитички пејзаж една од најинтригантните и најакутни теми е војната во Украина и нејзиното влијание првенствено на европскиот континент. Трамп во предизборието на американските претседателски избори неколку пати го повторуваше фигуративниот израз дека ако биде избран за претседател ќе ја сопре војната во Украина за 24 часа, и тоа уште првиот ден од неговиот мандат.
Навистина, Трамп им наложи на своите соработници наскоро да договорат телефонски повик со Путин, со една цел да се разговара за лична средба во наредните месеци за обидот да се стави крај на војната во Украина, според луѓе запознаени со ова прашање. Сега кога Трамп е на функцијата, американските и руските официјални лица можат сериозно да започнат со работа на воспоставување на лична средба. Швајцарија и Србија изјавија дека ќе бидат подготвени да бидат домаќини, пишува Си-Ен-Ен.
Српскиот претседател Александар Вучиќ се огласи од Светскиот економски форум во Давос, давајќи предлог да му се подигне и споменик на Трамп ако ја прекине војната во Украина:
Чекаме да видиме што ќе направи Трамп, утре да зборуваме тука од Давос. Шолц и Макрон се состануваат денеска, ги подготвуваат своите одговори, има многу проблеми и многу непознати во равенката. Доколку Трамп постигне прекин на огнот во Украина, сите треба му подигнеме споменик, ќе ја спаси цела планета. Господ нека ни е на помош, рече Вучиќ.
Најновите сигнали за можниот развој на настаните велат дека Трамп не ја отфрли можноста за целосно запирање на испораката на американско оружје за Украина, паралелно со најавите за брзо воспоставување дијалог со рускиот претседател Владимир Путин. Доналд Трамп ја потпиша извршната наредба за привремено суспендирање на сите американски програми за помош на странски земји на 90 дена. Во тој период ќе биде направена ревизија за да се утврди дали тие се во согласност со политички цели на САД:
Странската помошна индустрија и бирократијата не се усогласени со американските интереси и во многу случаи се спротивни на американските вредности… служат за дестабилизирање на светскиот мир преку промовирање идеи во странство… никаква дополнителна странска помош на Соединетите американски држави нема да биде исплатена на начин што не е целосно конзистентен со надворешната политика на претседателот на САД, пренесоа домашните медиуми.
Руските медиуми ја фатија оваа вест „во лет“ со непотребно ликување, бидејќи оваа наредба не значи и прекинување на воената и финансиска помош на Украина од страна на САД.
Наредбата, потпишана од Трамп, го остава Рубио или некој што тој ќе го избере да донесува одлуки за конкретни проекти за меѓународна помош, во консултација со Канцеларијата за управување и буџет. Стејт департментот и Агенцијата за меѓународен развој на САД се главните агенции кои ја надгледуваат таа помош, пренесе Н1.
Секако дека оваа вест за извршна наредба на Трамп пропуштена низ рускиот „филтер“ беше дисеминирана низ регионалните медиуми, слично како и ликувањето околу евентуалната царинска војна на САД со Европа. „Раша тудеј“ на српски јазик под сигнификативен наслов „Трамповиот јуриш на Европа: Американската мачка си игра со европски глувци“ пласира теза:
Фрагментацијата на Западот веќе започна и никој не може да каже каде ќе застане. На крајот на краиштата, Западот никогаш не бил единствен. Беше составен од најмалку два пола – САД и Европа.
Шпекулациите околу можноста за брз прекин на војната во Украина во режија на Трамп ја скицираат варијантата тој да падне во руска стапица.
Поддржувачите велат дека заканата на Трамп да ја прекине или намали воената помош за Киев, истовремено предупредувајќи ја Русија дека може да ѝ даде на Украина сè што ѝ е потребно на бојното поле, ќе ги доведе двете страни на преговарачка маса. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неодамнешното интервју повтори дека Путин се плаши од Трамп и дека мирот може да се постигне со сила, „Независен“ ја пренесува анализата на „Чатам хаус“ (Chatham House)
Според Кралскиот институт за меѓународни односи од Лондон, „доколку се зголеми надворешниот притисок врз Зеленски и тој брзо се согласи на договор за прекин на огнот, импликациите би биле далекусежни“.
Оставањето на Украина во неизвесност, без договор за одбрана или значаен аранжман за колективна безбедност, ќе претставува политичко самоубиство за претседателот. Зеленски ќе се соочи со силна реакција од украинското општество со оглед на високата цена што ја плати во војната. Украинците знаат дека ако нема остварлив механизам за спроведување на прекинот на огнот и Украина застане сама против истата милитаристичка Русија, тоа ќе создаде темпирана бомба за иднината на Украина и пауза пред нова, а можеби и поширока војна. Затоа украинските интелектуалци го молат Западот да не подлегнува на смирување, се вели во анализата на „Чатам хаус“, во која се детализирани сите воено-политичко-економски аспекти од евентуален брз прекин на огнот во Украина.
Третата светска војна како дежурна информативна „бабарога“
Заплашување со можноста да избие третата светска војна е уште еден во низата наративи кои ги шират руските медиуми. Така, Спутник Србија ја пласира изјавата на словачкиот премиер Роберт Фицо, познат по неговите проруски ставови, дека евентуалниот влез на Украина во НАТО би значело почетокот на третата светска војна.
Фицо е притиснат од опозицијата во неговата земја со барањето за гласање недоверба во Парламентот, бидејќи отворено прорускиот словачки премиер сака да ја оддалечи земјата од ЕУ. Прекинот на транзитот на рускиот гас за Словачка низ украинска територија од почетокот на годинава беше причина Фицо да ги оцени перспективите на Украина за праведен мир како слаби, вперувајќи го прстот во „предавничката“ улога на Западот, која ја спореди со западната политика кон нацистичка Германија на почетокот на Втората Светска Војна. Ваквите ставови на Фицо станаа генератор на манипулации и дезинформации што ги пласираат проруски извори, а беше пренесено и во македонски медиуми.
Зачестеноста на заканите и предупредувањата на Кремљ дека ќе употреби нуклеарно оружје оди паралелно со повторувањата на можностите од избивање на трета светска војна. Тоа наидува на плодно тло и преку објавување на ставови на домашните безбедносни експерти во медиумите. Но, токму околу третата светска војна има дијаметрално спротивставени ставови.
Магазинот „Политико“ во анализата на војната во Украина пишува дека третата светска војна е во тек – според повеќејазичната димензија на двете страни од рововите – споредувајќи ја со воената инвазија на СССР врз Авганистан пред речиси половина век. Оваа анализа ја пренесоа низа македонски медиуми (тука, тука и тука).
Меѓутоа, ставовите на Западот се спротивни од ставовите на Фицо – често повторувани и јасно проруски – дека влезот на Украина во НАТО ќе биде тригер за третата светска војна. Напротив, трета светска војна е можна ако Русија победи во Украина. Украина предупредува на таа опасност веќе седма година.
И во земјите од нашиот регион можат да се забележат спротивставени ставови околу форматот на прекинот на војната во Украина. Додека српскиот претседател Вучиќ по средбата со украинскиот претседател Зеленски во Давос изјави дека разговарале за „актуелната геополитичка и регионална ситуација, за можностите за постигнување одржлив мир и стабилност на европскиот континент, како и за енергетската безбедност“, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ е директен:
Мирот во секој случај мора да биде праведен мир кој нема да заврши со наградата на оној што ја изврши агресијата – Русија, изјави Пленковиќ.
Од друга страна, пак, и во Хрватска има дисонантни тонови. Старо-новиот претседател Зоран Милановиќ вели:
Хрватска не може да ја заврши војната во Украина, но може да се оддалечи од неа, додека светот чека да види како новиот американски претседател Доналд Трамп ќе придонесе за ставање крај на руската инвазија на својот сосед, пренесува Сител.
Без разлика на анализите и предвидувањата дали и каков мир ќе биде постигнат во Украина – како во студијата на институтот ИФИМЕС, пренесен во „Глобус магазин“ – генералниот секретар на НАТО Марк Руте е дециден дека Путин нема право на вето за членството на Украина во НАТО.
НАТО мора јасно да стави до знаење дека рускиот претседател Владимир Путин нема право на вето и нема право на глас за тоа кој ќе се приклучи на Алијансата во иднина, изјави Руте на Светскиот економски форум во Давос.
Пишува: Стојан Синадинов