Ако процесот е блокиран, а „нашата посветеност во процесот на евроинтеграциите ќе остане и ќе се засили“, време е да се соопшти како, или во спротивно, тоа „како“ да се утврди во заеднички консултации со сите политички партии. Владата е на потег да направи таква иницијатива, ако е искрена во ветувањата за посветеноста. Пишува: Теофил Блажевски
Во целата помалку безнадежна реторика од вчерашната прес-конференција во Скопје во врска со евроинтеграцискиот процес, како и најавите што доаѓаат од Тирана во врска со македонските перспективи кон Брисел, сепак не треба да се изуми една реченица на премиерот Христијан Мицкоски изговорена во присуство на претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта.
Нашата посветеност во процесот на евроинтеграции ќе остане и ќе се засили во периодот кој што следи, затоа што веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство.
По ова Мицоски појасни дека има надежи дека во периодот што следи заедно со ЕУ, со Кошта и со ЕК заеднички ќе го одблокираат процесот „достоинствено, бидејќи една од суштинските европски вредности е токму достоинството“.
И достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство, вели премиерот.
Доколку не станува збор за празна гола реторика посветена на исполнување на критериумите на дипломатската куртоазија, а во суштина незаинтересираност или неверување во евроинтеграциите, значи доколку Владата е сериозно посветена треба да појасни како ќе се засили посветеноста во периодот што следи? Зашто само со исполнување на задачите од Реформската агенда како дел од Планот за раст на Западен Балкан ќе биде чекор поблиску до усогласувањето со законодавството и праксата на ЕУ, но, формално вратата останува затворена сè додека не се расчистуваат кластерите од преговарачкиот процес. Затоа, доколку сака Владата да се качи во композицијата со Црна Гора и Албанија, па да се фокусира на 2030 година, тогаш треба да каже како.
Планот А за којшто зборува Кошта, за Владата и за Мицкоски очигледно не е прифатлив, без некакви гаранции од ЕУ или без некакви постапки или отстапки од Софија. Без оглед што и првото засега е невозможно, исто како и второто. И без оглед дали се реални или не изнесените стравови дека ако се смени Уставот без такви гаранции патувањето кон ЕУ може да биде без крај, односно вечна блокада од Бугарија дури и да ги завршиме преговорите, ако нема да заврши со работа „историската комисија“. Планот Б уште од лани почиваше на уставни измени со одложено дејство, но Кошта, како што вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова, проверил и во Софија, е неприфатлив, а со тоа заради консензусот е неприфатлив и за ЕУ (Вин-Вин после 3,50 мин.).
Тогаш кои се опциите за продолжување кон Брисел?
Владата е на потег да го иницира усогласувањето
Антонио Милошоски, пратеник и поранешен шеф на дипломатијата во дебата посветена на ЕУ која ја водеше со потпретседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска, го изјави и следново:
Изјавите на Кошта не се изненадување тој како искусен политичар ги следи насоките и договорите на ЕУ. Ги ценам изјавите на премиерот кој одговори искрено и сметам дека ако ние како политичари застанеме заеднички тогаш и ЕУ поинаку ќе нè цени. Ќе имаме и поголема можност да добиеме план Б.
Изјавите на премиерот и искреното верување на Милошоски за заедничко застанување на политичарите во насока на единствено за некој план Б, подразбира и акција во таа насока. Акцијата може да ја поведе и опозицијата, како што тоа го стори Венко Филипче иницирајќи средба со Мицкоски, но секако, бидејќи Владата го води целиот процес на евроинтеграции, природно е иницијативата и консултациите со сите релевантни политички партии да тргне оттаму. Дали позицијата на државата потоа ќе биде не преговараме додека не се исфрлат Протоколите како услов од Преговарачката рамка, дали позицијата ќе биде не преговараме додека Бугарија не ги признае Македонците како малцинство и нивното право да се самоорганизираат, дали позицијата ќе биде барање за измена на Договорот за добрососедство и пријателство или известување од Скопје до Софија дека го раскинува ако Бугарија не сака да го промени во делот на „историската комисија“…сеедно.
Граѓаните гласачи, после две децении од кандидатскиот статус и после фрустрирачки изигрувања на нивните надежи дека ќе станат граѓани на ЕУ за време на оваа или онаа влада и оваа или онаа комисија во Брисел, најмалку што заслужуваат – ако политичките партии си ги сакаат своите граѓани – е усогласување на ставовите и кристална порака за „планот Б“. Реториката дека „ќе се борам колку што можам и додека сум жив“ едноставно не ја „брка работата“, исто како што ни економскиот раст дури и да е над 5 отсто нема да ја „избрка работата“ сам по себе. На потег е Владата и владејачката коалиција. Без оглед на моментумот локални избори. Зашто по локалните секогаш доаѓаат и парламентарни и приказната нема (светол) крај.