Трендот на олеснување на критериумите, според Левица следи по серија случаи на функционери со фалсификувани сертификати. Од оваа партија сметаат дека треба да се воведе системска контрола и санкции за злоупотреба на документи а не владата со ваква одлука да ги легализира ваквите случаи преку промена на законот. Владата на Република Северна Македонија иницира законски измени со кои се укинува задолжителноста за меѓународно признати јазични сертификати при избор на директори во државните институции, заменувајќи ги со „обични потврди“ за познавање на англиски, француски или германски јазик, обвини Левица. Оваа одлука, според нив, доаѓа по серија скандали со фалсификувани сертификати, меѓу кои најеклатантен е случајот со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, кој приложил ТОЕФЛ сертификат добиен од неактивна бугарска фирма, што е предмет на истрага повеќе од три месеци.
„Со новите законски решенија, наместо конкретни сертификати како ТОЕФЛ, ИЕЛТС или АПТИС, ќе биде доволно да се приложи уверение или потврда за познавање странски јазик, без прецизна и проверлива вредност. Оваа пракса веќе се применува во предложениот Закон за инспекциски надзор, каде што имињата на меѓународно признатите сертификати се избришани, а се бара само меѓународно признат сертификат или уверение . Слични измени се предлагаат и во други закони, како Законот за животна средина, каде што се намалуваат стандардите за избор на директор“,велат од партијата. Оттаму оценуваат дека трендот на олеснување на критериумите следи по серија случаи на функционери со фалсификувани сертификати. Од Левица сметаат дека треба да се воведе системска контрола и санкции за злоупотреба на документи а не владата со ваквата одлука да ги легализира ваквите случаи преку промена на законот.
„Ова е обид за легализација на неписменоста и партизацијата на институциите, со што се урива мерит системот и се отвора простор за партиски и нестручни кадри на раководни позиции. Наместо суштински реформи и зголемување на стручноста, се намалуваат стандардите, што според експертите и јавноста, води кон натамошно слабеење на институционалниот интегритет и доверба во државните органи“, укажуваат од Левица.