Владата го задолжи Министерството за правда да изготви предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, откако го утврди мислењето од Правда во кое се наведува зошто Коцевски треба да биде сменет. Токму ова мислење, кое се темели на тоа дека Коцевски постапувал во предмети во кои имало судир на интереси и со тоа направил сериозни прекршувања на законот, се главните аргументи со кои Владата бара негова смена. „Овие дејствија со коишто се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство, со што е направена намерна или неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со коишто ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот”, рече владината портпаролка Марија Митева.
Откако Правда ќе го подготви предлогот за разрешување на Коцевски, ќе го достави до Владата, а оттаму ќе биде проследен до Советот на јавни обвинители. Коцевски, коментирајќи го предлогот за негово разрешување, порача дека ако се утврди тешка дисциплинска повреда, самиот ќе се повлече. „Од она што досега го слушнав во јавноста, што да коментирам, само дека тука нема никаква дисциплинска тешка повреда. Одлуката ја оставам на политичарите, јас строго сум работел и се уште ќе работам согласно законот. Условите доколку се исполнети согласно законот за јавно обвинителство, стојам на тоа и нека ме разрешат. Меѓутоа, доколку не се исполнети условите за јавно обвинителство, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законски начин или на незаконит“, рече републичкиот јавен обвинител. Советот на јавни обвинители сега ќе го чека предлогот за разрешување на Коцевски, а потоа ќе има две недели да оформи мислење за него. Без оглед на тоа какво ќе биде мислењето, предлогот потоа ќе се најде пред пратениците, кои ќе го имаат последниот околу разрешувањето на шефот на обвинителите.