-Знаеме дека при крај е формирањето на Економско-социјалниот совет. Потрошувачката кошничка е веќе во завршна фаза. Наскоро ќе биде достапна за сите. Ќе биде добро изготвена и ќе ги даде бројките од релевантните институции. Потрошувачката кошничка ќе ги земе во предвид цените во 3-5 маркети најповолната ќе биде преземена и ќе биде додадена. Новата кошничка ќе биде реална со реални податоци и колку е потребно едно семејство да троши за еден месец, рече тој денеска на прес-конференција во Владата.Според Дурмиши, работната група одлучила да се остане со пресметката за четиричлено семејство.
-Крајното е дека одиме со четири членови и реални податоци, додаде Дурмиши.Претходно имаше најави дека потрошувачката кошничка ќе се крати од четворица на тројца членови на семејството. Сегашниот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, пред неколку месеци со објава на Твитер ја оспори синдикалната месечна потрошувачка кошничка, која покажува колку пари се потребни за да „го преживее“ месецот едно четиричлено семејство. Според поранешниот министер за финансии, повикувајќи се на последниот попис во 2021 година, едно просечно македонско семејство брои три, а не четири члена.
„Просечната потрошувачка кошничка ќе биде комплетен и квалитетен одраз на потребите на едно просечно македонско семејство, а тоа е тричлено семејство според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Сите податоци за формулација и пресметување на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат земени со официјални податоци од ДЗС и податоците кои постојано ги добиваме од Државниот пазарен инспекторат во однос на цените на основните производи и трошоците на живот во Република Македонија, изјави во април заменик-министерот Марјан Ристески.
Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во мај се зголемени за 1.217 денари во споредба со април, покажуваат податоците што ги објави Сојузот на синдикати на Македонија. Вредноста на синдикалната минимална кошничка, според објавените податоци, во мај изнесува 63.908 денари, што е за 1.217 денари повеќе во однос на априлската синдикална кошничка, која изнесуваше 62.691 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, синдикалната кошничка изнесува 79.283 денари.