Триесет министерства и агенции, секое утро до 9 часот ќе добиваат извештај за темите со имињата на новинарите и прераскажана куса содржина на содржините во телевизиите, весниците и сајтовите според однапред одбрана тема. Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија распиша тендер за оваа услуга и уште нема склучен договор односно не е завршена постапката за да се дознае која фирма ќе ги мониторира медиумите. Тендерот е објавен на 5 март, а отворен е до 4 април до кога треба да се поднесат понудите.
На јавниот повик се бара да се има и веб-пристап до објавите 24 часа на ден со можност тие да се пребаруваат по клучен збор, медиум, автор, позитивни, негативни или неутрални објави.
Владата бара добивање на информации во реално време, веднаш по нивното објавување, а најмногу два часа по објавата, модул за вештачка интелигенција како и мобилна апликација за сите видови паметни телефони. Од Владата за „Сакам да кажам“ одговориле дека тендерот е распишан за да се креираат политики кои се за добробит на јавноста и граѓаните, и за воочување на грешките во работењето.
„Анализата на медиумите им овозможува на институциите да ги следат реакциите на јавноста на соопштенија за политики, новите прашања или кризи. Покрај ова, следењето на трендовите и јавниот дискурс помага да се предвидат предизвиците и да се усогласат пораките со очекувањата на засегнатите страни. Нашата тенденција е да креираме и спроведуваме политики кои се за добробит на јавноста и граѓаните, но и воедно да ги воочуваме грешките во работењето и истите да ги коригираме. Во тој контекст особено влијание и значење за нас имаат медиумите, како еден од најрелевантните фактори со активна улога коректив на власта. Системот пропишан во документацијата не се однесува на оценка на релевантноста на самите вести, туку пораките кои доаѓаат од медиумите во насока на коригирање на можните грешки во спроведувањето на политиките од работењето на Владата. И во таа насока на медиумите единствено гледаме како силен коректив и партнер во спроведувањето на политики од заеднички и општествен интерес“, велат од Владата за порталот.