Членовите од Законот за Јавното обвинителство кои директно се однесуваат на именување и разрешување на Јавен обвинител на РСМ, покажуваат дека досегашниот главен јавен обвинител Љупчо Коцевски ќе биде разрешен релативно брзо од страна на Собранието на РСМ, а по предлог од Владата. Можно е малку побавно да оди именувањето на неговиот наследник. Членовите од Законот за Јавното обвинителство кои директно се однесуваат на именување и разрешување на Јавен обвинител на РСМ, покажуваат дека досегашниот главен јавен обвинител Љупчо Коцевски ќе биде разрешен релативно брзо од страна на Собранието на РСМ, а по предлог од Владата. Можно е малку побавно да оди именувањето на неговиот наследник, бидејќи при тој процес се бара задолжително позитивно мислење за еден од кандидатите што ќе се јават на оглас од страна на Советот за јавни обвинители, пишува Вистиномер. Пишува: Теофил Блажевски. Спроти за денеска (18.02. 2024) закажаната седница на Владата на која треба да се разгледа иницијативата за разрешување на Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски, иако сè уште нема јавно откриени и добро образложени факти од иницијаторот (види тука и тука), сосема е извесно дека Коцевски ќе биде разрешен, на што упатува Законот за јавно обвинителство од 2020 година. Најверојатно повеќе детали ќе се знаат по денешната седница на владата која до затворањето на текстот не беа објавени. Да потсетиме, на 11.02. беше соопштено дека Владата го задолжила Министерството за правда (МП) да подготви иницијатива за разрешување на Коцевски, наведувајќи ги како главни причини степенот на корупција во земјата, како и „незаконската одлука“, како што беше квалификацијата, околу именувањето на в.д. виш јавен обвинител во скопското Вишо обвинителство. Само неколку дена подоцна МП јавно соопшти дека поднело иницијатива до Владата за разрешување на Коцевски, при што општо беа наведени повеќе причини: Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство. Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките – се наведува во соопштението на МП.
Имајќи ја предвид и последната квалификација од соопштението на МП, дека според Законот за ЈОРСМ „Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство“, како и членовите од Законот за тоа како се разрешува Јавен обвинител на РСМ, изгледно е дека Коцевски ќе биде релативно брзо и лесно разрешен. Имено, членот 88 од Законот каде што конкретно се наведува постапката за разрешување на ЈО на РСМ пред завршување на неговиот мандат, овозможува Владата да го достави предлогот до Собранието без оглед на тоа каков став ќе има Советот на јавни обвинители кој треба да се изјасни. Еве ги поважните акценти на членот 88 кои се содржани во следните ставови: Чл.88 (1) Владата на Република Северна Македонија, по претходно мислење од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, до Собранието на Република Северна Македонија поднесува предлог за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. (2) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија се разрешува од функцијата јавен обвинител пред истекот на мандатот: – поради тешка дисциплинска повреда од членот 91 алинеи од 1 до 6 од овој закон ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици или – ако е член во политичка партија… (4) Владата на Република Северна Македонија предлогот за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го доставува до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот, до Владата на Република Северна Македонија да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма… (7) Владата на Република Северна Македонија со предлогот за разрешување задолжително го доставува до Собранието на Република Северна Македонија и мислењето од ставот (4) на овој член. (8) Ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Северна Македонија, рокот од ставот (4) на овој член се продолжува за уште 15 дена. Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Северна Македонија. Како што може да се види Владата пред да го испрати предлогот до Собранието ќе треба само да се потруди да даде издржано аргументирано образложение за тоа што е грешката на Коцевски и таа да е опишана во Законот за ЈОРСМ. Ова за издржано и аргументирано образложение би требало да ѝ е императив на Владата доколку се грижи за нејзиниот углед, иако речиси двотретинското мнозинство кое го има власта во Собранието ѝ овозможува да помине предлог со какво било образложение. За наследникот на Коцевски може да треба подолго време
Теоретски може да биде попроблематична постапката за именување на наследник на Коцевски за функцијата ЈО на РСМ, но само од временски аспект. Имено членот од законот што го регулира изборот на Јавен обвинител на РСМ, налага задолжително позитивно мислење на Советот на јавни обвинители за предлогот на Владата. Во членот 63 од Законот за ЈОРСМ се наведува дека „Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, по предлог на Владата на Република Северна Македонија, го именува Собранието на Република Северна Македонија“. Во членот 64 се наведува улогата на Советот на јавни обвинители, кој во постапката на именување има поголема тежина отколку при постапката на разрешување. Тоа може да се види од последниот став на членот. Чл.64 (6) Ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати Владата на Република Северна Македонија не може да утврди предлог за именување на Jавен обвинител на Република Северна Македонија и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот од ставот (1) на овој член. Иако е тешко да се замисли дека при распишан оглас за главен обвинител, Советот на јавни обвинители ќе даде негативно мислење за сите неколку или повеќе апликации, од кои потоа Владата треба да го избере својот предлог до Собранието, теоретски тоа е можно. Но, според законските одредби каде што Советот се чека на изјаснување 15 дена и 15-те дена предвидени за траење на огласот за јавен обвинител на РСМ (чл.64), целата постапка доколку и се повтори, повторуваме теоретски, би можела да се одолговлечи на рок не подолг од два-три месеци од разрешување на постојниот главен јавен обвинител. Овие законски појаснувања се неопходни бидејќи откако неодамна беше соопштена намерата на Владата дека сака да го разреши Коцевски, во јавноста најмногу преку социјалните мрежи се појавија различни информации и дезинформации околу можниот исход на оваа иницијатива на власта. Извор: Новинска агенција МЕТА