„По 1. мај Мицкоски и Таравари ќе седнат на заедничка средба од која веројатно ќе зависи и столчето на Таравари во владиниот кабинет“, потврдија од владината прес служба без повеќе детали. Неофицијално, како што пренесува Сител, високи владини извори потврдуваат дека внимателно се следи развојот на настаните и во моментов не е исклучена ниту една можна опција. Турбуленциите во коалицијата ВРЕДИ се преселија и во Владата откако Таравари се реши на локалните избори да оди сам.
Минатата недела рече дека соработката со ДУИ не е опција, а викендов потврди дека телефонски разговарал со Ахмети и не ја исклучи можноста за меѓусебна поддршка со ДУИ во вториот изборен круг. Вицепремиерот Меџити вчера јавно побара од премиерот да го смени Таравари, а од ВРЕДИ денеска му порачаа дека надвор од коалицијата тој нема легитимитет. Од ЗНАМ денеска не сакаа да го коментираат однесувањето на Таравари. Арбен Таравари во последните 8 години четирипати влегуваше и излегуваше од Владата. Во моментов контролира 5 пратеници во Собранието.