Според сегашната директорка на Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева, идејата со вака предложените измени, е таа да биде сменета. Без никаква најава, вчера на собраниската пленарна седница кој е во тек, како дополнување на дневниот ред, по брза постапка се поставени измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Со овие измени, како што тврди сегашната директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, идејата е таа да биде сменета. Ова се случува додека е во тек работата на работна група за менување на Законот за слободен пристап, формирана во септември лани во Министерството за правда.
Предложените измени главно се однесуваат на условите за разрешување на директорот на независното тело – Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, функција која во моментов ја извршува Пламенка Бојчева. Во предложените измени за кои собранието во моментов дискутира, наведено е дека директорот ќе биде разрешен „ако не поднесе годишен извештај за работа на Агенцијата до Собранието на Република Северна Македонија согласно со овој закон“. „Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер е должна до Собранието на Република Северна Македонија да достави годишен извештај за работата за претходната година во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон“, наведено е во измените. Токму овој рок од 15 дена, е причина за сомнеж за тенденциозност, смета директорката Бојчева, која за Мета вели дека измената е легитимна, но намерата е таа да биде сменета од функцијата.
„Легитимна е предложената измена, но се воведува за мое разрешување. Тоа е намерата и тенденциозноста се гледа во следново – наведено е дека, ако директорот на Агенцијата не достави годишен извештај за работа во рок од 15 дена од влегувањето на сила на оваа законска измена, тој ќе биде разрешен. Претходно, овој рок беше 31 март. И да биде готов за 15 дена, нема да ми го усвојат во Собрание, што исто така е услов за разршување на директор во новите измени“, смета Бојчева. Таа веќе петта година е директорка на ова тело. Вели дека секоја година, согласно претходното правило, најдоцна до 31 март бил подготвуван и предаван годишниот извештај. „До тогаш сме си го подготвувале извештајот, полека, студиозно. Мојот мандат истекува до крајот на 2025 година, сето ова со мојата смена се прави само за неколку месеци“, додава Бојчева. Во изменетиот закон, е наведнено во кои случаи се разрешува директор и негов заменик. „Директорот на Агенцијата, односно неговиот заменик може да биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е именуван ако не поднесе годишен извештај за работа на Агенцијата до Собранието на Република Северна Македонија согласно со овој закон, ако Собранието на Република Северна Македонија не го усвои годишниот извештај за работа на Агенцијата, ако очигледно ги прекрши правилата за судир на интереси, односно изземање во ситуации во кои директорот, односно неговиот заменик, знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за судир на интереси, односно изземање предвидено со закон или ако без оправдани причини не ги почитува роковите за преземање одредени дејствија согласно со овој закон“, пишува во измените и дополнувањата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Инаку, правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е основна демократска придобивка и алатка на новинарите, особено на истражувачките новинари, да ги откриваат злоупотребите на власта. Извор: Новинска агенција МЕТА