Неизвесно е дали измените на Изборниот законик во делот на прагот за учество на независните кандидати на претстојните локални избори ќе помине во Собранието, бидејќи власта засега нема Бадентерово мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ, поддржана од опозицискиот СДСМ, предложи скалест праг на потребни потписи за независните листи во зависност од големината на општината. На независните кандидати потребни им се минимум 100 потписи во општините до 10.000 гласачи, додека за Скопје потребни се најмалку 3.500 потписи.
Иако општиот претрес за измените на Изборниот законик заврши, потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски не го стави на гласање, откако ДУИ се изјасни дека нема да го поддржи. Според информациите, власта нема бадентерово мнозинство и законот е ставен на почек.

Изборниот законик е првиот тест на власта дали допрва ќе кубури за Бадентерово мнозинство откако Алијанса за Албанците ја напушти власта и отцепи тројца пратеници од мнозинството. Коалицискиот партнер Вреди, иако најави, уште не го зголеми мнозинството за уште неколку пратеници од немнозинските заедници коишто според нив, требаше од Европскиот фронт да преминат во Вреди.
– Измените на Изборниот законик секогаш се носеле со поширок консензус. Ова е првпат да има обид тие да поминат без консензус и без опозицијата со исклучок на СДСМ, кој го поддржа законикот. Баравме и бараме овој предлог да се повлече и да не се носи по скратена постапка, туку да се отвори дебата со сите политички актери и со цивилното општество. Европскиот фронт нема да гласа за измените на Изборниот законик – рече Рина Ајдари од ДУИ.

И Амар Мециновиќ рече дека Левица ќе гласа против, зашто предлогот е тие да поминат по скратена постапка, но и дека претходно власта го одбила Предлог-законот за една изборна единица, со што го погазила граѓанското право за кандидатура на независни кандидати.
– Со ова се праќа силна порака дека демократијата сака да се убие – рече Мециновиќ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски укажа дека ако не помине Изборниот законик, независните не ќе може да учествуваат на изборите. Тој додаде дека за покрупните измени на Изборниот законик има работна група при Министерството за правда и повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е за една изборна единица под услов да гласа и дијаспората.
Иако и ВМРО-ДПМНЕ и Вреди најавија зголемување на владејачкото мнозинство, со што ќе обезбедат мнозинство гласови и од немнозинските заедници, кои се неопходни според Бадентеровиот принцип за нивна застапеност при усвојување одредени законски решенија, засега ниту еден пратеник од Европскиот фронт не потврди дека преминува во власта. Ова, пак, значи дека мнозинството, освен за Изборниот законик, ќе нема Бадентерово мнозинство ниту за законот за локална самоуправа со кои се предвидува отповикување градоначалник со референдум, избор на Програмскиот совет на МРТ, законски измени кои ќе овозможат полагање испити за вработување негувателки во градинки итн. Бадентерово мнозинство е потребно и за дел закони од реформската агенда, чиј рок за носење истекува месецов, а се од областа на правосудството.

Министерот за правда Игор Филков минатата недела рече дека Бадентеровото мнозинство не е само прашање за Министерството и за власта, туку и за парламентарните партии. Тој смета дека ако ги кочат законите, ќе направат штета на еден серозен процес. Ова, пак, е потврда дека власта во од ќе се обидува да обезбеди Бадентерова поддршка за законите, кои веќе се или допрва ќе влезат во собраниска процедура. Тоа, од друга страна, ќе значи и одредени концесии, пред сè, за опозициската ДУИ, во спротивно законите ќе останат заглавени во Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски засега има само чувство дека власта ќе обезбеди Бадентерово мнозинство. Тој во интервју за телевизијата Алсат, прашан дали работи да обезбеди Бадентерово мнозинство, зашто на власта ѝ недостигаат шест пратеници, вели дека се помалку, но не кажува колку.
– Контакти имаме со сите политички партии, не би издвојувал посебно некоја. Имам чувство дека ќе се обезбеди. Не би зборувал за т.н. пратеничка зелена трговија, јас сум за систем на вредности. Доколку тој се препознае, секако, секој е добредојден во Владата – рече Мицкоски.
Во друга прилика на прашање дали преговара за проширување на мнозинството зашто неколку закони се заглавени поради бадентеровото мнозинство, особено гласањето за Државниот инспекторат за јазиците, Мицкоски рече дека е многу важно сите заедно, без политизирање, да се изгласаат за вработените да зематб плата.

-Јас не би сакал во некои поинакви сценарија да влегувам и како Влада. Дајте луѓето да си земат плата, тука нема политика исто како што гласаа за реорганизација на Владата, можат да го гласаат и ова, нема да изгубат ништо, туку напротив ќе добијат, ќе покажат големина – рече Мицкоски.
Ако не добие поддршка од опозицијата, тој реч дека како Влада имаат планови зашто се Влада на сите граѓани, но не откри кои се плановите за да се откочат законите.Во Собранието, 39 пратеници од немнозинските заедници гласаат според бадентеровиот принцип. Опозициски пратеници кои гласаат според Бадентер се 25, наспроти 14 со кои во моментов располага мнозинството.