Опозициската СДСМ жестоко реагираше на влошената безбедносна состојба во земјата, барајќи итна оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според нив, серијата инциденти во последниот период го откриваат целосниот колапс на безбедносниот систем и неспособноста на институциите да ја гарантираат сигурноста на граѓаните.
„Тешката трагедија во Кочани, која ја потресе целата република, во која животот го загубија 59 млади луѓе, а околу 200 беа повредени, ги разоткри пропустите во институциите и колапсот на безбедносниот систем. Затоа, потребна е одговорност од врвот на МВР и БЈБ, без селективност за оние кои имаат најголема вина. Очигледно е дека нешто не е во ред со безбедноста во државата, а за тоа се молчи. Мора да има и законска и морална одговорност. По трагедијата во Кочани, продолжи серија на безбедносни инциденти – пукање со огнено оружје, убиства, сообраќајни несреќи и прегазени луѓе на улиците“ истакна потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, на денешната прес-конференција од седиштето на партијата. Од СДСМ нагласуваат дека безбедноста на граѓаните е доведена во прашање, а серијата несреќи кои се случиле низ државава од различен тип и карактер само ја задлабочува кризата во јавната безбедност.
„Пред само неколку дена, вработена во Центарот за социјални работи во Прилеп беше ранета со огнено оружје. Исто така, се пукаше во селото Моране, каде беше повредено едно лице. Дополнително, низ државата беа регистрирани сообраќајни несреќи со повредени и прегазени граѓани. Во Скопје беа прегазени жена и дете, во Битола беше прегазена жена, а во Кавадарци беа повредени четири лица. Безбедноста на граѓаните не е на највисоко ниво, а системот ја префрла одговорноста, додека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, не презема ништо. Последиците се сериозни, а СДСМ бара негова оставка“ нагласува Методија Илиевски.