Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го нападна првиот синдикалец Слободан Трендафилов кој го нарече „испостава на СДС, Левица и ДУИ“.
„Слободан Трендафилов не е никаков синдикалец, тој спроведува политики усогласени со, јавно необјавената, опозициската коалиција СДС-ДУИ-Левица. ССМ под водство на Трендафилов, нема свое автентично делување за заштита на работничките права, туку следи насоки дадени од опозициjaта. Наместо на синдикално делување, Трендафилов свесно се стави во канал на партиско делување и одработување за СДС, ДУИ и Левица, а работниците и членовите на ССМ ги манипулира.
Но, тие се прочитани и нивниот план е разобличен и осуетен. Иако коалицијата сеуште ја кријат, јавноста многу добро знае дека СДС, ДУИ и Левица имаат премолчена коалиција, а тоа се гледа и во нивните јавни настапи и координирани теми за прес-конференции и партиски соопштенија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија побара од владата минималната плата да се зголеми за 6 илјади денари а работодавачите од приватниот сектор една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно придонесите да ги субвенционира државата, како и дополнителното зголемување на нето платата од 6 000 денари да биде задолжително и за работодавачите од приватниот сектор кои исплаќаат плата и над износот на минималецот.