Денес, со искрена почит и длабока благодарност, им оддаваме признание на Свети Кирил и Свети Методиј – кои преку своето просветителско и духовно дело се издигнаа и прославија. Нивната мисија не беше само книжевна или верска – таа беше цивилизациска. Со создавањето на глаголицата, и со ширењето на словото Божјо на разбирлив, народен јазик, тие го поставија темелот на писменоста, образованието и културниот идентитет. Тие ја издигнаа словенската култура до ранг на рамноправна со другите големи цивилизации на своето време. Делото на Кирил и Методиј не познава граници – тоа живее и денес, вкоренето во јазикот што го зборуваме, во буквите со кои пишуваме, во вредностите што ги пренесуваме. Тоа е наш завет – спој на духовност, мудрост и самобитност, кој не само што треба да го славиме, туку и да го чуваме со длабока одговорност.
Во време кога јазикот, културата и идентитетот често се изложени на предизвици, неопходно е да се навратиме кон нивниот пример. Да го негуваме македонскиот јазик, да ја почитуваме традицијата, да вложуваме во образованието и да го пренесуваме нивното дело на идните генерации – не како обврска, туку како чест. Нивното просветителство не завршува во минатото – тоа нè повикува и денес, да бидеме чувари на светлината што тие ја запалија. Да ја браниме вистината, да го негуваме знаењето и да се гордееме со корените кои нè обединуваат. Нека е вечна светлината на Кирил и Методиј! Нека ни е честит 24 Мај – Денот на словенските просветители!
Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ