На денешната трибина „Дигитализацијата станува реалност во Македонија“ дебатираше директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски кој во фокусот ги стави сите оние чекори кои се преземаат за дигитализација и модернизација на катастарските услуги, односно што се е направено за да се дојде до побрзи и поефикасни услуги кои им се потребни на граѓаните, се со цел институцијата да биде подостапна, а дигитализацијата да остане клучен приоритет во процесот.
Живковски најпрвин образложи што се е направено за успешна дигитализација на услугите во Катастарот, го истакна и електронскиот портал за услуги во кој се наоѓаат сите најбарани продукти од граѓаните и потенцираше дека на тој начин се забрзуваат процесите до добивање на побрза и поквалитетна услуга. „Ние успеавме за краток период да направиме еден комплетно нов портал, којшто е наречен e-uslugi.katastar.gov.mk којшто го промовиравме некаде при крајот на минатата година и којшто е комплетно дигитализиран. Беа вклучени 107 услуги коишто можат граѓаните и правните лица да ги користат електронски, на почетокот на оваа година промовиравме и пуштивме дополнително уште 10 услуги, со тоа го зголемивме овој фонд и ние планирано, дека до крајот на оваа година, ќе пуштиме дополнително уште 10 услуги. Се она што влегува во опсегот на катастарот и на катастарското работење, можам да кажам дека сме целосно дигитализирани 100%“, рече Живковски.
Директорот Живковски, стави акцент и на новата он-лајн апликација за увид во статусот на барањата, поднесени и заведени во електронскиот систем на Катастарот, со која се зголемуваат ефикасноста и брзината на следење на поднесените барања, а со тоа граѓаните остануваат главен приоритет во оваа нова етапа на дигитална трансформација. „Сега имаме апликација којашто со задоцнување од најмногу еден час, ја има точната информација, што ние сметаме дека е најблиску до реално време. Практично, сите корисници во реално време можат да видат дали предметот нивен е во статус обработка, дали е вратен на дополна, дали е одбиен, дали е завршен. И едноставно оваа алатка ги насочува луѓето кон тоа дали имаат потреба да дојдат до катастар да подигнат некоја документација, дали ќе ја добијат електронски и дали можеби треба нешто да се коригира. И едноставно тука, исто така, влијае како и на бизнис заедницата, меѓутоа и на граѓаните за да добиваат побрза и поефикасна услуга“, изјави Живковски. Живковски се осврна и на превентивната кампања за пријавување на обид за корупција, со цел подигнување на јавната свест за спречување на корупција во Агенцијата за катастар на недвижности, во насока секој поединец во државата да преземе одговорност со што ќе се придонесе за изградба на ефикасна и транспарентна администрација, притоа наведе дека граѓаните имаат можност секој обид за корупција да го пријават на електронска адреса или телефонски број.
„Ни е насловена кампањата „Не биди соучесник-пријави обид за корупција“, ние сите мора да се залагаме да граѓанинот или правното лице, фирмата којашто има потреба, треба да плати само за административната такса спрема одредена институција ништо повеќе, ништо помалку. Оваа кампања којашто ја започнавме меѓу првите активности од кога ја преземав функцијата директор, има за цел пред сè да влијае превентивно да ги мотивира луѓето коишто имаат потреба од користење на услугите на катастар, доколку наидат на ваква појава некој да им побара нешто што не е во рамките на законот, односно да побара да дадат мито, веднаш да биде тоа пријавено со цел, со сите институции други во соработка да биде санкционирано соодветно“, вели Живковски.