ВМРО-ДПМНЕ смета дека денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски во однос на рудниците, е понизна и очајничка одбрана на министерот Крешник Бектеши и на ДУИ.
„Сите се виновни, па дури и службениците во министерството за економија, а можеби и портирот, само никако не смее да биде виновен Бектеши, Али, Груби…Ковачевски, како до сега, што би кажал неговиот стопан Али Ахмети заборава дека живее во 2023 година па му стана хоби да се враќа во времето кога со грамогласен аплауз и видно задоволен ракоплескаше на функционерите на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ“реагираат од опозицијата.
Оттаму велат дека премиерот должи да одговори на прашањето – зошто се споени концесиите за рудникот во Иловица.
„Дали Ковачевски додека мирно стоел пред Али и безпреговорно ги слушал неговите наредби, барем се обидел да го праша, која фирма се наоѓа како дел од концесионерите кои би вршеле ископ? И на крај, нека реши сам Димитар Ковачевски, дали ќе се осмели да го разреши Бектеши бидејќи ги довел во заблуда останатите министри, или ќе ги разреши оние министри кои гласале на влада, а не знаеле што гласаат, па така сега во прашање е здравјето на граѓаните и екологијата во струмичкиот крај“велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска не одговори директно дали се чувствува изигран од министерот за економија Крешник Бектеши, откако тројца министри од СДСМ за ИРЛ кажаа дека Бектеши ги измамил да гласаат за дополнителна точка на владина седница – без расправа, велејќи им дека Управен суд донел одлука за спојување на концесиите.
Ковачевски најави дека на наредната владина седница Бектеши заедно со службите од неговиот ресор ќе ги презентира сите судски одлуки поврзани со концесиите за рудникот во Иловица. Премиерот врди дека јасен е ставот и на Министерството за економија, и на Министерството за животна средина, и на претседателот на Владата дека рудник не може да има, ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот кадешто се дадени две концесии, уште во времето на Груевски.