Фото: Слободен печат/Драган Митрески Откако СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека фирма со структура блиска до премиерот Христијан Мицкоски ја прошверцувала пиротехниката што влегла во дискотеката „Пулс“ и го предизвика пожарот, од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека партијата ја злоупотребува трагедијата. Од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата ја префрлаат топката на другата трагедија, онаа во модуларната болница во Тетово каде исто така имаше пожар со загинати. Од владејачката партија упатија навреда кон СДСМ обвинувајќи ги дека искажувале „некрофилска тенденција“ и додадоа дека за Кочани има сеопфатна, темелна истрага со опфатени поранешни и сегашни функционери, од кои некои се во притвор, а тоа било доказ дека сега има одговорност и неселективност за разлика од порано. Наспроти ова, во јавноста од Кочани се слушаат повици од семејствата на загинатите дека актуелни функционери од полицијата се амнестирани од истрагата.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од претходната власт, донесе серија законски, измени со кои тотално се забранува употреба на пиротехнички средства во затворен простор, со цел да нема импровизации кои во иднина би резултирале со несреќи. Санкциите за прекршување на оваа забрана драстично се зголемени, но исто така утврдена е и строга одговорност за нелегално присуство на малолетници по полноќ во угостителски објекти, со цел заштита на младата популација. Ова се ефикасни законски мерки со кои се воведува одговорност и ефективен надзор, мерки кои гарантираат заштита на јавноста во затворени простории. Оваа Влада демонстрира одговорност со максимална сериозност и законски механизми ја брани јавната безбедност, води транспарентна и структурирана одговорност кон сите виновници без исклучок, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на прес-конференцијата на СДСМ.