ВМРО-ДПМНЕ најостро реагира на денешното соопштение на СДС со кое се бара оставка од министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со што уште еднаш го покажуваат политичкиот очај и загубената доверба кај граѓаните. СДС нема ниту морално, ниту политичко право да зборува за културата и културното наследство – бидејќи токму тие ја оставија културата во целосен распад. Без стратегија, без визија, без интерес, со доделени минимални средства за проекти за заштита на културното наследство.
Тоа што ние го затекнавме не е само хаос – туку системски распад, каде културното наследство беше оставено на милост и немилост на времето. Бараат оставка од министерот Љутков? Зошто? Затоа што за првпат после години се отвораат реални прашања за системска реформа во културата? Затоа што зборува за модели кои се користат во цел свет – за заштита, реставрација и промоција на културни добра? Ставањето на културното наследство во контекст на туризмот преку јавно приватно партнерство, отворање на сувенирниците кои токму тие ги затворија, кафетерии и други пропратни содржини не е продажба на истото туку негова промоција. СДС се последните што смеат да зборуваат за култура бидејќи токму нивната неспособност, негрижа и отсуство на стратегија и посветеност во изминатите години го доведе овој сектор до работ на пропаст. И да, културното наследство не е трговска роба – ама за СДС токму тоа и беше!
Што се однесува пак до платите – веќе се преземени конкретни чекори за исплата на мартовската плата. Проблемите се резултат токму на нефункционалниот систем што го остави СДС – но тоа, очигледно, удобно го заборавате особено кога ви треба политички спин. Ете тоа покажува што навистина значеше културата за вас – ништо! Тие што денес зборуваат за „распродажба“, се истите што дозволија објекти од непроценливо културно значење да пропаѓаат додека се занимаваа со партиски тендери и лични привилегии. СДС треба да знае дека културата не е за политички калкулации и дневна реторика. Владата ќе продолжи да работи со чесност, транспарентност и со отворен дијалог со сите културни работници.