ВМРО-НП, партијата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, повика на бојкот на концертите на музичките групи и изведувачи од поранешна Југославија кои гостуваат во земјава.
„Економската комисија на ВМРО-Народна партија констатира дека во последната година имаме драстично поскапување на музичките услуги, а со тоа како на концертните така и на билетите по дискотеките на сите музички групи од поранешна Југославија кои доаѓаат во нашата држава и притоа ги преполнуваат дискотеките и концертните сали“, велат од партијата.
„Така на пример само за настап во дискотека на група или пејач поединец од бивша Југославија цената се движи околу 30.000 евра. Предлагаме кон општиот бојкот на потрошувачите на македонските маркети да се додаде и бојкотот на сите овие настапи, со што на тој начин македонскиот потрошувач не само што ќе заштеди лично повеќе средства, туку и ќе ѝ помогне на македонската музика, а и на македонската економија во целина“, пишува во соопштението од ВМРО-НП.