Актуелниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче е единствениот кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори кои ќе се одржат на 16 март. Партиската Централна изборна комисија соопшти дека одржала седница за разгледување на поднесените кандидатури за Претседател на СДСМ и утврдување на листа кандидати за внатрепартиските избори, при што била утврдена единствена листа со единствен кандидат: Венко Филипче. Претходно, партијата објави отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани лица. Одлуката на Комисијата, заедно со програмата на Филипче, се очекува да бидат објавени на интернет-страницата на СДСМ.
Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче стана претседател на Социјалдемократите откако победи на внатрепартиските избори што се одржаа на 30 јуни минатата година. Како што соопштија тогаш од СДСМ, гласањето се спроведе во 77 избирачки места, а на списокот биле евидентирани над 23.000 партиски членови. Покрај Филипче, кандидати за партиски лидер на СДСМ тогаш беа и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот заменик-министер за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски. Неколку дена претходно, својата кандидатура ја повлече поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска. Извор: Новинска агенција МЕТА