Најавите за новиот раст на минималната плата, која се очекува да биде 500 евра повторно ја брануваат јавноста, а работодавците и економистите се со различни ставови за потребите и можностите за зголемување на минималецот од синдикатите. Сите се согласни дека минималната плата го зголемува стандардот, но дека се потребни подлабоки структурни промени и дека треба да се следи продуктивноста. Минималната плата сега изнесува 22.567 денари. Таа треба да се усогласи во март и според пресметките, зголемувањето би изнесувало околу 1.800 денари. Според Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), 24.400 денари колку што би била минималната плата согласно законското усогласување се премалку за работниците имајќи ги предвид трошоците на живот, поради што бараат таа да се зголеми на 30 илјади денари, а придонесите на разликата од висината на моменталната минималната плата до 30.000 денари, односно за зголемувањето од 6.000 денари да ги субвенционира државата. За висината на минималната плата треба да се разговара на седница на Економско-социјалниот совет што треба да се одржи кон средината на овој месец. Минималната синдикална кошница за февруари изнесува 63.773 денари, тоа значи дека цените „ја згазија“ минималната плата. Но колку зголемувањето на минималецот во износ од 500 евра е логична и економски правилна мерка? Од ССМ велат дека доколку минималната плата се зголеми, ќе мора да се покачат и другите примања за да се зачува разликата меѓу категориите на вработени. Порталот Пари разговараше со неколку економски експерти кои одговорија на прашањата дали фирмите можат да го издржат тој товар? Дали ќе биде терет на државата за ги субвенционира придонесите? Дали барањата за зголемување на минималецот на 500 евра имаат економска поткрепа? Дали секое зголемување на платите во поголем интензитет од продуктивноста е неиздржливо и е штетно на долг рок? Што ќе се случи со другите плати доколку би се зголемила минималната, би стагнирале?
ПОВИСОК ПОСТАВЕН МИНИМАЛЕЦ ВОДИ ДО УРАМНИЛОВКА Ставот на Организацијата на работодавци на Македонија е дека треба да се направи законското усогласување на минималната плата со растот на трошоците на живот и растот на просечната плата, со што минималната плата би изнесувала околу 24.400 денари. „Владата на неколку наврати најави дека нема намера да прифати субвенционирање на придонесите за поголем раст на платите. И со ваквото усогласување, Македонија ќе биде меѓу земјите со највисок однос на минималната плата во однос на просечната, кој ќе изнесува 59 отсто. Ова е повисоко и од загарантираните 57 отсто во однос на просечната плата во законот, а и далеку повисоко од директивата на Европската Унија, која препорачува 50 отсто“, објаснува Ангел Димитров, претседател на Собранието на ОРМ. Според него, барањето на синдикатот за покачување на минималната плата на 500 евра е само нивна желба која не е поткрепена со вистински аргументи, освен со висината на потрошувачката кошничка која со самото тоа што ја изработуваат тие самите, додава Димитров, е подложна на субјективизам. И Меѓународниот монетарен фонд, пред неколку дена, ни порача дека треба да сме внимателни со растот на минималната плата, затоа што секој раст над растот на продуктивноста е закана за инфлацијата. „Минималната плата е плата која треба да ги заштити најслабо платените работници, оние со најниски квалификации, најслаби вештини и со најмала одговорност. Ако минималната плата е поставена многу високо во однос на просечната тогаш тоа води до урамниловка и демотивираност на подобро платените работници. Катастрофално е за секој работодавец е да мора да ги крати платите на подобрите работници, за да ја исплати зголемената минимална плата. Растот на платите треба да биде за сите, а особено за оние најкреативните, со поголеми учиноци и кои допринесуваат за резултатите на фирмата“, укажува Димитров. Најниско платените работници, вели тој, може да се подржат со одредени субвенции од страна на државата, но тоа мора да биде многу таргетирано, како на пример, за плаќање на струја, наемнини за домување или нешто слично, но само на фамилиите со многу ниски доходи. „Вештачкото зголемување на платите над растот на продуктивноста е како долевање на бензин на огнот кој се вика инфлација. При тоа мора да имаме предвид дека Македонија долг период на назад троши странска акумулација за зголемување на потрошувачката и подигање на стандардот на граѓаните. Ова на долг рок е неиздржливо и води кон должничко ропство и плаќање на голем дел од нашиот БДП за плаќање на каматите по земените кредити“, потенцира Димитров.
ДРЖАВНОТО СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА РАСТ НА ПЛАТИТЕ Е ПОГУБЕН НА СРЕДЕН ДО ДОЛГ РОК Од Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ велат дека нивниот став за минималната плата останува конзистентен. „Секој раст кој е ад-хок над износот за предвиденото усогласување со економските движења прави нарушувања во економијата. Дополнително, ако таквиот пораст е ослободен од плаќање придонеси, односно тој трошок го сноси државата со создавање повисоки обврски за пензии во иднина, тогаш се отстапува од патеката на фискалната консолидација, кој и онака е кревка. Да потсетиме, ваквите барања веројатно произлегуваат од тоа што во минатото видовме обиди да се поттикне растот на платите преку субвенционирање на придонесите; своевремено, таа субвенција чинеше околу 40 милиони евра годишно и беше втора по големина по земјоделските субвенции. Значи, државно субвенционирање на раст на плати кој не е поддржан со раст на додадената вредност во ист обем, е погубен на среден до долг рок и треба како концепт да се заборави“, децидни се од „Фајненс тинк“ Оттаму, пак, велат дека на позитивната страна, моментално приматели на минимална плата се само околу 1,5% од сите регистрирани вработени, што го прави прашањето за минималната плата тривијално. „Пред 10-тина години, овој процент достигнуваше и до 20 отсто и затоа беше релевантно тоа прашање да се дискутира тогаш. Ова намалување се случи во последните неколку години, поради притисокот што на пазарот на труд се создаде од растот на вработеноста и недостигот од квалификувана работна сила, сето потпомогнато и од продолжената емиграција“, нагласуваат од интитутот. Затоа, според нив, фокусот на дебатата треба да се сврти кон квалитетот на работните места и како со повеќе вештини и напор да се дојде до повисока плата и подобра работна позиција. А, поголемата плата ќе произлезе од таквата поставеност на работите. Катерина Михајлова