Водата во Дебар пред пиење мора да се преврива. Причина за тоа е технички дефект на апаратурата во станицата за хлорирање, поради што водата нема да биде хлорирана до отстранување на дефектот, соопштија надлежните. Јавното комунално претпријатие „Стандард“ кое стопанисува со водоводот Росоки – Дебар, ги известува корисниците на вода за пиење дека може да ја користат само со претходно превривање.
„Ги известуваме корисниците дека водата за пиење пред консумирање се препорачува да се преврива, поради сигурност на здравјето на граѓаните. Затоа бараме разбирање и внимание при користење на водата до следното известување“, пишува во известувањето објавено доцна попладнево. Во понеделникот Дебар немаше вода десетина часови, поради изведување зафат врз главниот вентил во градскиот резервоар, а во исто време и негово генерално чистење. И во следните два дена имаше неколкучасовни прекини во водоснабдувањето.