Примероците од водите на реката биле земени еден ден по хаваријата, а анализите ги направила акредитираната лабораторија „Технолаб. Водата во Крива Река има десет пати поголема концентрација на олово и стотици пати повеќе цијанид, азот и фосфор, информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Тој најави дека ќе бара кривична одговорност од Булмак и рудникот Тораница, каде пред две недели имало хаварија и истекла вода од таложникот за јамски води. „Во моментот се испитува квалитетот на водата од бунарите, а дополнително се чекаат резултати од водата за пиење од градскиот водовод, која засега се смета дека е безбедна за пиење“, рече Митовски. Примероците од водите на реката биле земени еден ден по хаваријата, а анализите ги направила акредитираната лабораторија „Технолаб“. Митовски истакна дека водите се сериозно загадени и претставуваат опасност за животот и здравјето на луѓето и живиот свет, особено заради зголемените концентрации на тешки метали, особено олово.
Кривична одговорност од Булмак денеска побараа и од О2 Иницијатива од каде велат дека Државниот инспекторат за животна средина не постапил според своите овластувања и не нарачал анализи на водата, иако јасно се гледало дека е заматена. Екологистите велат дека ДИЖС ја дезинформирале јавноста дека на 14 март се излеала само вода од таложникот за јамски води, која не содржи хемиски средства, а тоа го тврделе без да извршат анализа на водата и да имаат доказ. Тие побараа, со оглед на тоа дека ова е трет прекршок на Булмак, Министерството за животна средина да му ја одземе А- интегрираната еколошка дозвола. „Дента на хаваријата примероци од водата земаа од риболовниот клуб Мрена Крива Паланка, а општината следниот ден, за разлика од инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кои не земале примероци за анализа од водата на Крива Река и Тораница и не повикале акредитирана лабораторија која би земала примероци и извршила анализа, велат од О2 Иницијатива. Екологистите предупредуваат дека загрозена е и реката Пчиња, бунарите, подземните води, живиот свет, почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи. Долготрајни последици и штети по земјоделските поседи, земјоделски и овошни култури се очекува да има во реонот општината и соседната општина Ранковце, т.е. Славишко поле. Извор: Новинска агенција МЕТА