Самохрана мајка на момче кое е повредено во пожарот во кочанската дискотека, раскажува за тешкиот живот по трагичната несреќа и негата за нејзиното дете. Вели дека морала да даде отказ од работа за да се грижи за синот, а дека има и друго десетгодишно дете, како и болна мајка за кои исто така треба да се грижи. Таа за Support Kocani раскажува дека повредениот син нема да може да работи најмалку една година, дека сè уште не може да ги користи рацете. За грижата за него, како што додава таа, ќе бидат потребни време и пари. Жената раскажува дека наутро го облекува синот, му ги мачка рацете кои имаат тешки изгореници и вели дека сè што има ќе даде за него, но дека државата треба да ѝ помогне.
„Сè уште чекаме. Државата не ни помогна со ништо. Не знаеме што сè ќе треба во понатамошниот процес на заздравување – дали ќе има операции, дали ќе треба специјални ракавици или опрема… Јас сè што имам ќе дадам, ама потребна ни е и помош од државата,“ вели таа.
По отпустот од болницата во Грција, каде што се лекувало момчето, му било укажано дека целосното заздравување може да потрае и до една година, а можеби и подолго. Семејството бара итна интервенција и поддршка од надлежните институции, посочувајќи дека борбата не е само медицинска, туку и финансиска, психолошка и човечка.