Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека во пресрет на велигденските празници се спроведуваат вонредни засилени контроли. Официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата извршиле вкупно 350 надзори на операторите со цел спречување пласман на небезбедна храна, нелегална трговија со јајца бои за јајца во пресрет на велигденските празници. По направените инспекции, од Агенцијата откриле и уништиле над 1230 килограми производи, од кои најмногу месо, преработки и подготовки од месо, но и јајца, бои, мед, ракија, маслиново масло и други призводи.
За утврдените недоследности со вонредните контроли се изречени казни во висина од 3.650 евра во денарска противвредност и издадени се 22 решенија со наредби за нивно отстранување. -Во услови на зголемена побарувачка на храна пред претстојните празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарат само од одобрени/регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. Да се внимава на декларациите на производите, нивното означување и рокот на употреба и температурниот режим на чување, особено на леснорасипливите, бидејќи во спротивно тие може да бидат небезбедни за граѓаните – велат од АХВ.