Во текот на војната во Виетнам, апартхејдот во Јужна Африка или Движењето Да го окупираме Вол стрит универзитетите беа места на кои студентите го искажуваат своето незадоволство кон оние на власт. Зошто би било поинаку за време на војната во Газа? Далечното ехо на протестите против војната во Виетнам од пролетта 1968 година стигна и до престижните американски универзитети, каде студентите со поддршката на Палестинците поради војната во Газа ги тестираат границите на академската слобода на говор и американската политика кон Израел, која ги загрозува шансите за реизбор на претседателот Џо Бајден. Студентските манифестации започнаа веднаш по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, а експлозијата следеше во последните денови од учебната година на њујоршкиот универзитетот „Колумбија“. Од средината на април, студенти кампуваат пред неокласичните фасади на библиотеката Батлер, над кои се испишани имињата на Херодот, Софокле, Платон, Аристотел, Цицерон и Вергилиј.
Тие ненасилно го изразуваат својот бунт против бруталните постапки на израелската армија и смртта на речиси 35.000 Палестинци, против кампањата за изгладнување во Појасот Газа, како и против насилството на екстремистичките еврејски колонизатори на окупираниот Западен Брег. Бараат универзитетите и училиштата да ги прекинат врските со Израел, а нивните администрации со компаниите кои го финансираат конфликтот.
Напнатата конфронтација, каква што не е забележана од расните немири од 2020-2021 година во знак на протест против полициската бруталност кон Афроамериканците, набрзо се прошири низ најмалку 60 кампуси од Калифорнија до Минесота, од Конектикат, Масачусетс и Пенсилванија до Тексас.
Протестираат студенти на Харвард, Јеил, Принстон, Беркли, вашингтонските универзитети Џорџтаун и Џорџ Вашингтон, калифорнискиот универзитет Хамболт, универзитетот Корнел во Итака, Сити колеџот во Њујорк… Тие ги инспирираа и париските студенти да го окупираат амфитеатарот на елитниот Институт за политички наука, познат како Сајанс По. Б
Откако претседателката на Колумбија веднаш ја повика полицијата која уапси стотина студенти, најмногу по 1968 година, раководствата на некои други универзитети побрзаа на помош да ги повикаат силите на редот. Ширум земјата беа уапсени над 800 студенти, неколку професори, па дури и претседателската кандидатка од Зелените, Џил Стајн. Судири и солзавец имаше од Бостон до Лос Анџелес.
Протестите предизвикаа верижна реакција во која беа вклучени речиси сите: од универзитетски администратори, преку политичарите до органите на редот.
Конзервативна Америка сака кризата да се реши – насилно. Претседателот на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом Мајк Џонсон и лидерот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел се само некои од републиканците кои сугерираат дека треба да биде испратена Националната гарда.
Повикот веднаш ги врати сеќавањата на трагедијата на државниот универзитетот Кент во Охајо пред точно 54 години. Студентите протестираа против војната во Виетнам, а потоа пристигна Националната гарда со оклопни возила, џипови и камиони за да се справи со „субверзивните долгокоси студенти“. Гувернерот одобри употреба на „секаква неопходна сила“. Во пресметката со околу 3.000 студенти, четворица беа убиени, а девет ранети.
Денеска на мета се најдоа и медиумите. Пропалестинските активисти маршираа низ улиците на Вашингтон, а цел им беше хотелот во кој се одржува традиционалната годишна вечера на дописниците од Белата куќа, организирана од претседателот Бајден. „Срам да ви е“, „Слобода за Палестина“, извикуваа поради некритичката поддршка што американските медиуми ја даваат на покривањето на израелските злосторства во Газа. „Ова не е новинарство. Ова е соучесништво“, порачаа тие, потсетувајќи дека од почетокот на војната во израелските бомбардирања загинаа 97 новинари, главно палестински.
Имаше екстремистички изјави и говор на омраза, но инцидентите не се клучна карактеристика на студентскиот активизам во кој се вклучија и многу млади прогресивни Евреи. Белата куќа ги осуди антисемитските слогани, а Доналд Трамп не ја пропушти можноста да им го припише изливот на „огромна омраза“ на демократите.
Хаотичната ситуација е полна со ризици за претседателот Бајден. Насилен одговор може скапо да го чини шефот на Белата куќа во пресрет на ноемвриските избори, имајќи предвид дека студентите во поголем процент гласаат за демократите. Неговиот рејтинг е на рекордно ниско ниво, а маневарскиот простор е стеснет како никогаш досега.
Претседателот не смее да си дозволи да биде осомничен дека му врти грб на својот стратешки партнер на Блискиот Исток. Тој потпиша закон за вонредна помош за Израел од 26 милијарди долари, но така дополнително инспирираше масовни протести против политиката на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој ги опиша протестите како „ужасни“.
Студентите не се „закана“, како што се обидуваат да прикажат конзервативците, инсистирајќи на антисемитски инциденти. Колку повеќе се обидуваат да ги замолчат, тие се решени да бидат сѐ погласни, да одржат лекција за демократија со својот протест, па го послушаа славниот активист во борбата против расизмот, Марин Лутер Кинг, кој во 1968 година рече:
„Кога некој ќе прекрши закон за кој неговата совест вели дека е неправеден, тој мора да го направи тоа отворено, весело, со љубов, мора да го направи цивилизирано – не нецивилизирано – и мора да го направи со подготвеност да ја прифати казната“.
Либерална Америка може да биде горда што е зачувана една светла традиција: универзитетите се места каде студентите можат да го изразат своето незадоволство од оние што се на власт. Така беше за време на војната во Виетнам, апартхејдот во Јужна Африка или движењето Да го окупираме Вол Стрит. Зошто би било поинаку за време на војната во Газа? Одговорите на американските дилеми се на Блискиот Исток.
(Авторот е новинар)