Општина Аеродром во организација и соработка со компанијата „Тексомак“, започнува еколошка акција за собирање текстилен отпад. Првиот дел од овој проект започнува утре, откако на неколку локации низ општината ќе бидат поставени контејнери каде жителите ќе можат да го остават текстилниот отпад. Граѓаните овие контејнери ќе можат да ги пронајдат кај основните училишта „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“ и „Браќа Миладиновци“, потоа близу градинките „Срничка“ и „Буба Мара“ и зад трговскиот центар „Капитол мол”, поточно пред влезот на Рамстор.
Од општината апелираат отпадот да биде уредно собран и спакуван во пластични кеси со цел да не се оштети и потоа тие да бидат оставени во контејнерите. Оттаму исто така најавија дека следен чекор од овој проект е едукација на младите од општинските училишта и градинки што ќе се одвива во текот на пролетта, а датумите ќе бидат дополнително објавени.