Студенти од Србија кои сакаат да студираат и бараат прекин на блокадата на факултетите, кои себеси се нарекуваат „Студенти 2.0“, што имплицира дека се подобра верзија од мнозинството колеги кои со месеци протестираат низ земјата, вечерва се собраа во паркот пред Претседателството каде планираат да преноќат во шатори, јави „Нова.рс“. Во паркот се поставени шатори каде учениците ќе преноќат, а донесени се и мобилни тоалети. Насобраните, парадоксално, изразија противење на транспарентите со развивање на голем транспарент на кој пишува: „Книги, браќа мои, книги, а не пленуми и транспаренти“. Студентите кои бараат прекин на блокадата во средата ги изнесоа своите барања, од кои првото е наставата на факултетите и другите високообразовни институции да почне до 10, а најдоцна до 17 март.
Тие изнесоа и барања во врска со мораториумот на студентските кредити, намалување на условите за запишување во буџетот, зголемување на бројот на испитни рокови, поместување на почетокот на новата учебна година, зголемување на износот на студентските стипендии и кредити, продолжување на рокот за одбрана на магистерски и докторски труд, намалување на обемот на материјали, полагање на сите обврски за полагање пред испит и ревидиран план за упис на бруцоши. Бараат основните и средните училишта веднаш да почнат со настава по сите предмети, од претседателот на Србија, премиерот и претседателот на српското Собрание бараат да направат се што е во нивна моќ за нормализирање на состојбата во образованието, а бараат и оставка од министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ, пишува „Нова“.