Со полагање букети свежо цвеќе пред споменикот „Ангел” кај градскиот часовник и спомен обележјето пред Секторот за внатрешни работи, денес, во Битола беа одбележани 23 години од загинувањето на македонските бранители кои загинаа во конфликтот во 2001 година кај тетовското село Вејце. Нашата татковина опстојува благодарение на храброста, непокорот и пожртвуваноста на нашите херои бранители-рече на денешното чествување во Битола, Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик министер за внатрешни работи.
Искажувајќи сочувство до семејствата на загинатите бранители, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека Битола како мултиетнички центар треба достојно да го задржи споменот на загинатите бранители, тие да не бидат заборавени, и ваквите настани никогаш повеќе да не се повторат.
„Тука сме да го зачуваме споменот за овие македонски херои и да оддадеме почит и никогаш да не ги заборавиме. Денес навршуваат 23 тажни години од денот на загинувањето на битолските херои, и со ова чествување искажуваме огромна почит кон нивното дело, да не остане заборавено и да биде една голема опомена до сите нас ваквите настани никогаш повеќе да не се повторат. Сведоци сме дека во предизборието повторно се слушаат националистички изливи, апсолутно тоа треба да биде едно минато. Битола е град на мултикултурата и претставува мултиетнички центар и треба достојно на нашите бранители да им оддадеме почит и да го задржиме споменот-рече на одбележувањето на 23 годишнината години од загинувањето на битолските бранители во конфликтот од 2001 градоначалникот на Битола“, Тони Коњановски.