„Нема стратешка одлука без ветер во грб од граѓаните, благодарам што нè поддржавте во сите тешки одлуки“, изјави претседателскиот кандидат на СДСМ во Македонска Каменица, Пехчево и во Берово.
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска, изборниот караван го започна со средба со граѓаните на Македонска Каменица, а се сретна и поразговара и со жителите на Пехчево и на Берово.
Посочувајќи дека често доаѓа во овие градови и запознаен е со проблемите на локалното население, Пендаровски истакна дека знае дека многумина од нив поминале низ голготата на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ. Во контекст на актуелните случувања со блокадата на Бугарија, Пендаровски посочи на ставот на опозицијата дека ќе го поништи Договорот од Преспа и „магично” ќе го реши проблемот со Бугарија.
„Сакаат да ги поништат сите договори и да почнат сè од почеток. Да не ве лажат, тие имаат само план за власт. Тие велат Рамковниот договор не им се бендисува, ама само што ќе дојдат на власт веднаш прават коалиција со албанска партија. Ако се на власт ќе владеат исто, затоа што станува збор за истите луѓе. Генералниот секретар на Груевски е денешен претседател на ДПМНЕ. ВМРО треба да каже кои јаки меѓународни пријатели ги имаат за да сменат нешто со Бугарија. А ние знаеме кои се нивни пријатели”, подвлече Пендаровски.
Во оваа насока кандидатот за претседател Пендаровски истакна дека ниту една политичка гарнитура не можеше да ја интегрира Македонија во НАТО и додаде дека благодарение на пријателите на оваа земја го постигнавме максимумот и склучивме добри договори. „За преговарачката земја сите ЕУ земји рекоа ‘да’ и тоа е исклучително тешко да го постигнете“, рече тој.
„Нема стратешка одлука без ветер во грб од граѓаните. Ви благодарам што нè поддржавте во сите тешки одлуки за државата”, додаде Пендаровски.
На митингot во Делчево, Стево Пендаровски беше прашан околу најавените телевизиски дебати, односно дали и кога ќе се одржат истите. На ова Пендаровски образложи дека до овој момент не е договорено да се одржи ниту една дебата.
„Јас бев првиот од седумте кандидати кој уште пред 20 дена предложи т.н. мастер дебата. Сите седуммина, пред сите телевизии да имаме најмалку две соочувања пред првиот круг и тие што ќе поминат во вториот круг уште една потоа. Меѓутоа од страна на најголемата опозициона партија прво бевме одбиени бидејќи побараа двајца од кандидатите да не учествуваат. После се пишманија, меѓутоа потоа три од најголемите телевизии, најгледани телевизии во Македонија се откажаа, не знам од кои причини“.
Во овој контекст Пендаровски потенцираше дека е подготвен да се соочи со опонентите во кое било време, на кој било терен, на која било телевизија.
„Меѓутоа, јас сакам вечерва да предложам да имаме вистински дуел, да има реален дуел, не фингиран дуел. Јас предлагам вечерва да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател. Госпоѓата Силјановска не ја гледаме каде е“, рече Пендаровски.