Во денешните напади на израелската армија во Појасот Газа загинаа најмалку 35 Палестинци, повеќето од нив во центар за дистрибуција на хуманитарна помош управуван од Хуманитарната фондација Газа (ГФХ) поддржана од САД во централна Газа, соопштија локалните здравствени власти. Здравствените службеници во болниците Шифа и Ал-Кудс објавија дека најмалку 25 лица загинале додека се приближувале кон дистрибутивниот центар во близина на поранешната населба Нецарим, а десетици биле повредени.
Израелските воени напади во Кан Јунис
Уште десет лица беа убиени во други израелски воени напади во Кан Јунис, на југот од енклавата, додадоа истите извори. Израелската војска не даде веднаш коментар. Во вторник, кога здравствените службеници во Газа објавија дека 17 лица се убиени во близина на друг дистрибутивен центар за ГХФ во Рафах, јужна Газа, армијата објави дека испукала предупредувачки истрели за да ги отстрани „осомничените“ кои се приближувале кон војниците и претставувале закана.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека е постигнат „значаен напредок“ во напорите за ослободување на преостанатите заложници во Газа, но дека е „прерано“ да се раѓаат надежи дека ќе се постигне договор. И покрај напорите на САД, Египет и Катар за воспоставување прекин на огнот во Газа, ниту Израел ниту Хамас не изразија подготвеност да се откажат од своите основни барања, а двете страни се обвинуваат меѓусебно за неуспехот да се постигне договор. Двајца извори од Хамас за Ројтерс изјавија дека не се запознаени со никаков нов предлог за прекин на огнот.