Најмалку 33 Палестинци се убиени, а десетици ранети во два израелски напади врз преполн ресторан и пазар на иста улица во градот Газа, потврдија медицински извори и Министерството за здравство управувано од Хамас. Израелската војска соопшти дека ги истражува тие извештаи. Претходно болниците соопштија дека најмалку 59 лица се убиени во напади завчера вечер, повеќето од нив во две училишта кои служеле како засолништа за раселени семејства.
Нападите се случија откако Израел објави дека се подготвува да ја интензивира и прошири својата воена кампања против Хамас, по 19 месеци војна. Двата напади на улицата Ал-Вахда во Римал, една од најпрометните комерцијални области во Газа, се случија речиси истовремено вчера попладне, на околу 100 метри оддалеченост. Снимките од местото на нападот покажуваат како ранетите се носат на столчиња и на задниот дел од автомобил, пренесува Би-Би-Си.